Тесен пораз во Флензбург, Вардар го ѕирка „фајнал фор“ турнирот
Македонскиот ракометен првак Вардар си ја подотвори вратата од историскиот пласман на завршниот турнир на четирите најдобри екипи во Лигата на шампионите. Доживеа пораз од само два гола разлика, рамен на победа на гостувањето кај силниот бундеслигаш Флензбург, по што в сабота во Скопје самиот ја има в раце својата „фајнал-фор“ судбина.

Вардар загуби со 24-22, што е импресивен резултат којшто може да биде од пресудна важност за шансите за пласман на завршницата во Келн. Повеќе од едно полувреме „црвено-црните“ прикажаа издание рамно на она со коешто пред неполн месец исто така среде Германија го елиминираа ланскиот европски првак Хамбург. Десетина минути од почетокот Флензбург одржуваше два или три гола позитива, но тогаш меѓу стативите се разбуди Ангелов и со серија чудесни интервенции го инспирираше соиграчите. Со серија од три гола тие бргу изедначија на 8-8 во 16-та минута, па одржуваа израмнет резултат се дури првпат не поведоа на две минути пред одморот со 13-12.
На пауза Вардар замина со 14-13, а одлично почна и во продолжението. Во 36-та минута поведе и со два гола разлика, што беше аларм за домашниот тим сериозно да загризе и да ја врати предноста. Флензбург направи плус три, 20-17, но нашиот првак не му дозволи да побегне и фати приклучок на 21-20 на 15 минути пред крајот. Следуваа најбледите десетина минути во коишто Вардар не даде гол, Германците постигнаа три едноподруго и поведоа со највисоки четири гола разлика, 24-20, но благодарение на гранитнана „црвено-црна“ одбрана не погодија веќе ниту еднаш до крајот. Со два погодока во финишот Вардарци се изборија за одличниот пораз од 24-22 којшто им отвора широки перспективи, иако никако не смее да ги залаже.
Штета што своја вечер немаше Дибиров, којшто постигна за него скромни три гола, но затоа убиствен во нападот беше Карачиќ, погодувајќи дури девет пати. Брумен даде четири, а Тоскиќ придонесе со три гола, но сето тоа ќе беше премалку за Вардар ако на своите најдобри голмански денови не потсети феноменалниот Ангелов со дури 18 одбрани. Најопасниот противнички играч Егерт го задржа на 6, Сван му даде 5, а Гландорф 4 гола.
Златната шанса на Вардар е тука, ќе треба да ја зграпчи в сабота во реваншот во Скопје.
