Ромите од битолски Баир добиваат можност со европски пари да извршат обновување на домовите
Преку проектот „Баир-здружена акција на Битола за вклучување на Ромите“, со европски пари Ромите ќе можат да извршат одредено модернизирање на своите домови. Во тригодишниот проект на располагање се 150.000 евра, а за почеток предвидено е да се доделат на 27 најзагрозени семејства…

Садри Арслановски беше меѓу првите битолски Роми кој ја поднесе апликацијата за финансиска поддршка на инструментот за претпристапна помош ИПА 2 на ЕУ, кој на располагање во следните три години става 150.000 евра неповратни средства за реновирање на дел од трошните ромски станбени објекти. Вели, има многу што да се поправи, но планира за она што е најитно.
Поедуцираните млади Роми преку тимот за поддршка од поодамна на терен помагаат во комлетирањето на потребната документација.
Во овој циклус се очекува да бидат опфатени 27 домаќинства. Во градежни интервенции ќе можат да искористат од три до шест илјади евра за поставување на ПВЦ дограма, обнова на фасада и кровна конструкција. Според определени критериуми ќе одлучува стручна комисија на терен. Од општината апелираат да се имаат предвид и доделените решенија за легализација.
Дека се мисли на подобрувањето на условите за живот на сограѓаните Роми Коњановски ги потенцира и инфраструктурните зафати на некои улици од оваа населба.
Стевче Митревски
