Воен конфликт

Светот со големо внимание ја следи новонастаната ситуација во Русија

21.09.2022 16:33

Рускиот претседател Путин нареди делумна мобилизација во земјата. Западот ги премина сите граници на неговата агресија врз Русија – рече тој во телевизиското обраќање. Украинскиот претседател Зеленски бара помош од Западот. Светот со големо внимание ја следи новонастаната ситуација. Членките на НАТО со коментар дека одлуката на Путин е знак на слабост...

Од денеска во Русија делумна мобилизација. Наредбата стигна од претседателот Путин во телевизиското обраќање до нацијата. Го обвини Западот дека учествува во нуклеарна уцена против Русија.

„Ќе ги искористиме сите ресурси да го одбраниме нашиот народ. Западот ги премина сите граници на неговата агресија врз Русија. Нагласувам дека се работи за делумна мобилизација. На русите кои се мобилизирани ќе им бидат дадени сите поволности и гаранции“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

Според руското Министерство за одбрана неопходно е навремено организирање на граѓаните, засилување на мерките за борба против провокациите и незаконските активности.

„Упатството е потпишано од моја страна, утврдени се задачите за сите субјекти, дадени се наредби на генералштабот за спроведување мобилизациски активности. Мобилизираните граѓани ќе имаат статус на воени лица кои служат по договор и соодветно ниво на паричен надоместок“, рече Сергеј Шојгу, министер за одбрана на Русија.

Украинските власти велат дека чекорот за руската воена мобилизација е апсолутно предвидлив и дека личи на обид да се оправда сопствениот неуспех. Претседателот Зеленски пак, вели дека ставот на Киев е непроменет и покрај претстојните референдуми во Доњецк и Луганск, како и во регионите Керсон и Запорожје.

„Постојат начини на кои многу земји во светот би можеле да и помогнат на Украина, преку муниција што ни е потребна. САД би можеле да имаат политичко влијание врз тие земји“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Светот со големо внимание ја следи новонастаната ситуација. Членките на НАТО со коментар дека одлуката на рускиот претседател е знак на слабост и ниту Украина ниту нејзините сојузници не треба да бидат заплашени од неа.

„Мобилизацијата покажува дека се соочуваме со конфликт кој ќе трае долго. Мораме да бидеме подготвени за тоа политички и економски. Пред сè, мораме да испитаме меѓу нашите сојузници и партнери како можеме да и обезбедиме на Украина трајна поддршка во борбата за мир и слобода што ќе продолжи уште долго време“, изјави Кристијан Линднер, министер за финансии на Германија.

Претставниците на проруските власти во самопрогласените републики изјавија дека од 23-ти до 27-ми септември ќе се организира референдум за обединување со Русија.

Маријана Димовска