Свет

ЕУ најави нови санции за Русија и оружје за Украина

22.09.2022 10:02

Уапсени се над 1.300 лица дел од антивоените протести во Русија, дел од нив директно се регрутирани во војската. Немирите следуваа по најавите на Путин за делумна мобилизација во земјата. НАТО тврди дека одлуката е знак на слабост, Европската унија подготвува нови санкции, согласност за нови испораки на оружје. Русија сакаше војна, бесрамно ги прекрши начела на Обединетите нации, обвинува Бајден...

Русија сакаше војна, бесрамно ги прекрши основните начела на Повелбата на ОН. Зборовите на Путин ја открија неговата цел и пред инвазијата, тој рече дека Украина никогаш немала вистинска државност“, изјави американскиот претседател Џо Бајден, на годишното Генерално собрание на ОН.

„Путин отворено и се закани на Европа со нуклеарно оружје. Сега тој повикува на нови војници да се приклучат на војната. Кремљ организира нелегални референдуми за припојување на териториите на Украина кон Русија. Путин вели дека Русија била загрозена, но никој не и се заканувал на Русија и никој друг не го видел конфликтот“, рече Бајден.

Украина објави размена на 215 воени заробеници со Русија, вклучително и лидерите на одбраната во челичарницата Азовстал во Мариупол, симбол на отпорот на руската инвазија. Украинскиот претседател Зеленски побара праведна казна за Русија поради злосторството што го направи против неговата земја, истакнувајќи различни „предуслови за мир“ во Украина.

„Ние не ја сакавме оваа војна. Имавме 88 рунди разговори од почетокот на моето претседателство. Украина нема друг избор освен да се брани. Можеме да го вратиме украинското знаме на целата наша територија. Можеме да го направиме тоа со оружје. Русија сака војна, тоа е вистината. Но, Русија нема да може да го запре текот на историјата“, рече Володимир Зеленски.

Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Борел изјави дека ЕУ размислува за нови санкции против Русија по ескалацијата што ја најави Москва.

„Европската унија ја повторува својата осуда на плановите за организирање нелегални референдуми, со цел анектирање на Доњецк, Херсон и регионот Луганск и Запорожје од страна на Русија. Сметаме дека овие незаконски референдуми сè уште едно грубо кршење на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и ново сериозно нарушување на Повелбата на Обединетите на нациите“, рече Жозеп Борел.

Членките на НАТО велат дека одлуката на рускиот претседател е знак на слабост и ниту Украина ниту нејзините сојузници не треба да бидат заплашени од неа. Претходно генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг го обвини претседателот Путин за „опасна“ реторика. Одлуките на Путин само „ќе служат за понатамошна изолација на Русија“, а Меѓународната заедница мора „да изврши максимален притисок, вели претседателот Макрон.

„Сега секој може да изврши максимален притисок врз претседателот Путин за да престане оваа војна која повеќе нема никаква смисла. Прекин на огнот е единствениот прифатлив начин за напредување во овој конфликт. Верувам дека секоја ескалација, дури и вербална, не води никаде“, изјави францускиот претседател, Емануел Макрон.

По наредбата на претседателот Путин за мобилизација на 300 илјади војници, ширум Русија се одржаа масовни антивоени протести. Повеќе од 1.300 луѓе се приведени. Поголемиот дел од уапсените се од Москва и Санкт Петербург.

Маријана Димовска