Изложба на Јана Јакимовска во МСУ
На 23 септември 2022 во 20 часот во Музејот на современата уметност во Скопје ќе се отвори изложбата Ретро: телесни ретроспективи на уметницата Јана Јакимовска. Изложбата е со мултимедијален карактер и опфаќа дела од повеќе рецентни периоди од нејзиното творештво. Ова е 21-ва самостојна изложба на Јакимовска и ќе биде отворена до 05 октомври 2022...

На 23 септември 2022 во 20 часот во Музејот на современата уметност во Скопје ќе се отвори изложбата Ретро: телесни ретроспективи на уметницата Јана Јакимовска. Изложбата е со мултимедијален карактер и опфаќа дела од повеќе рецентни периоди од нејзиното творештво. Ова е 21-ва самостојна изложба на Јакимовска и ќе биде отворена до 05 октомври 2022.
„Ретро: телесни ретроспективи е поглед фрлен наназад кон самата себе како човечко суштество, општествено битие, жена, мајка, уметница. Во фокусот на изложбата е телото, но како метафора за човечкото, профаното, нелагодното: телото старее, се дебелее; телото копулира, раѓа; телото крвари, умира; телото треба да се покрие, да се казни. Каде е границата меѓу мене и моето тело? Што е,јас‘, а што телото? Како треба јас и моето тело да се чувствуваме во различни емотивни и општествени контексти? Кому телото му должи, кому му полага одговорност?,Ретро … ‘ не претендира да биде ретроспективна изложба бидејќи не е – таа само рециклира и реконтекстуализира некои веќе видени концепти, во обид да одговори на овие прашања“ - Јана Јакимовска, ликовна уметница
„Кај нас, феминизмот во ликовната уметност може да се проследи низ неколку индивидуални ликовни ангажмани кои пристапуваат кон актуелните проблеми со разновидни методологии и неологизми. Една од најдоследните претставници на оваа струја во македонската современа сцена е секако придонесот на уметницата Јана Јакимовска, која речиси сиот свој визуелен опус од изминати 20 години го посветува кон третирање на разновидни проблеми поврзани со родовата еднаквост и социјалната инклузија на жената во „современото“ и „демократско“ општество. Една од главните карактеристики на феминистичкиот пристап на Јакимовска е вклучување на сите сетила во чинот на гледање и последователно уривање на границата помеѓу субјектот и објектот“ - Ана Франговска, куратор.
Јана Јакимовска е родена 1981 во Скопје. Дипломира (2005) и магистрира (2009) на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Освен со сликање се занимава и со дигитална уметност, мурално сликарство, фотографија, инсталации, графички дизајн, илустрација и перформанс. Голем дел од рецентното творештво ѝ се занимава со прашањата на телото, сепството, сексуалноста, позицијата на жената во современото општество. Имала 20 самостојни изложби во Берлин, Њујорк, Белград, Приштина, Скопје, Гевгелија, Куманово и Штип. Учествувала на преку 80 изложби во САД, Германија, Италија, Литванија, Турција, Грција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија. Учествувала на 18 ликовни симпозиуми во Грција, Хрватска, Србија и Македонија. Во моментов е вонреден професор на Ликовната академија на Универзитет Гоце Делчев во Штип.
