Русија во обид да ги задуши антивоените протести во земјата
Русија во обид да ги задуши антивоените протести во земјата. Над 1300 лица приведени. Гужви на границата меѓу Финска и Русија, по најавите на Путин за делумна мобилизација. Итен министерски состанок на ЕУ. Портпаролката на руското МНР Захарова изјави дека Бајден лажно го цитирал Путин...

По најавата на Русија за мобилизација на 300 илјади резервисти, Советот за безбедност на ООН на седница за наводните злосторства на Русија во Украина. На седницата присуство и на шефот на руското МНР, Лавров, и американскиот државен секретар Блинкен. На годишното Генерално собрание во Њујорк, американскиот претседател Бајден ја обвини Москва за бесрамно кршење на основните начела на Повелбата на ОН.
„Путин отворено и се закани на Европа со нуклеарно оружје. Сега тој повикува на нови војници да се приклучат на војната. Кремљ организира нелегални референдуми за припојување на териториите на Украина кон Русија“, изјави Џо Бајден.
Украина објави размена на 215 воени заробеници со Русија, вклучително и лидерите на одбраната во челичарницата Азовстал во Мариупол. Украинскиот претседател Зеленски побара праведна казна за Русија поради злосторството, истакнувајќи различни предуслови за мир во Украина.
„Ние не ја сакавме оваа војна. Имавме 88 рунди разговори од почетокот на моето претседателство. Украина нема друг избор освен да се брани. Можеме да го вратиме украинското знаме на целата наша територија. Можеме да го направиме тоа со оружје. Русија сака војна – тоа е вистината“, рече претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Еврокомесарот за надворешна политика и безбедност на Европската унија Борел изјави дека унијата размислува за нови санкции против Русија по ескалацијата што ја најави Москва. И министрите за надворешни работи на земјите од Г7 ја потврдија поддршката за Украина.
„Европската унија ја повторува својата осуда на плановите за организирање нелегални референдуми, со цел анектирање на Доњецк, Херсон и регионот Луганск и Запорожје од страна на Русија. Сметаме дека овие незаконски референдуми сè уште едно грубо кршење на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и ново сериозно нарушување на Повелбата на Обединетите на нациите“, изјави Борел.
Членките на НАТО со големо внимание ја следат одлуката на рускиот претседател за мобилизација и можната миграција на русите во нивните земји. По одлуките на Москва, меѓународната заедница мора да изврши максимален притисок, вели францускиот претседател Макрон.
„Сега секој може да изврши максимален притисок врз претседателот Путин за да престане оваа војна која повеќе нема никаква смисла. Прекин на огнот е единствениот прифатлив начин за напредување во овој конфликт“, изјави Емануел Макрон.
Во меѓувреме руските вооружени сили ги продолжуваат ракетните напади врз воени објекти и опрема во Украина. Руското Министерство за одбрана денеска објави снимка на која се покажува борбената мисија на ракетни системи „Смерч“ за повеќекратно лансирање. По наредбата на Путин за мобилизација, кој во вчерашното обраќање изјави дека нуклеарниот удар не е веќе блеф, ширум Русија се одржаа масовни антивоени протести. Повеќе од 1.300 луѓе се приведени. Поголемиот дел од уапсените се од Москва и Санкт Петербург.
Маријана Димовска
