Џозеф: Македонија да го искористи скрининг процесот и да направи максимални реформи
Македонија треба да го искористи скрининг процесот и да направи максимални реформи, вели Едвард Џозеф, предавач на Универзитетот Џон Хопкинс. На конференцијата во МНР посочи дека Преспанскиот договор беше заснован на фер преговори со отстапки од двете страни, што не е случај со францускиот предлог, кој бугарските предности ги остава недопрени…

Преспанскиот договор беше основан на фер преговори со отстапки од двете страни, што не е случај со францускиот предлог, кој бугарските предности ги остави недопрени, став на Едвард Џозеф, предавач на Универзитетот Џон Хопкинс. Сепак вели тој, Македонија треба да го искористи скрининг процесот и да направи максимални реформи.
„Бидејќи Соединетите Американски Држави и Европската Унија не успеаја Бугарија да ја донесат на еднакво ниво со Грција, Северна Македонија треба да побара од Соединетите Американски Држави, Франција, па и од други земји како Германија и Велика Британија, афирмација на македонскиот идентитет и признавање на македонскиот народ, јазик и аспекти од историјата“, смета Џозеф.
Национализмот на голема Србија води кон голема Албанија, која ќе биде целосно деструктивна за вашата земја, порача Џозеф. Вели, природниот триаголник за Отворен Балкан е меѓу Скопје, Приштина и Атина.
„Добро е да имате добри трговски односи со сите соседи, но патот за стабилноста за вашата земја и за целиот регион е да се движите кон Европската Унија и НАТО. Србија му се противи на НАТО во смисла дека ја поддржува Русија, не и става санкции и ги промовира руските наративи. Отворен Балкан, онака како што е дизајниран, и дава на Србија слободно економско и поголемо политичко влијание во регионот што води до нестабилност“, вели Џозеф.
Отворен Балкан беше формиран меѓу Македонија, Србија и Албанија пред три години, пред сè од економски причини.
Марија Котовска
