Барса експресно се пласира во Милано, Реал и ЦСКА на поправен
Бранителот на титулата Олимпијакос синоќа “преживеа“ во третиот натпревар против Реал Мадрид и победи со 78 : 76...

Во кошаркарската Евролига во 3 од четирите пресметки ќе се игра четврти натпревар, а само екипата на Барселона е сигурен учесник на “Фајнал фор“ турнирот во Милано. Бранителот на титулата Олимпијакос синоќа “преживеа“ во третиот натпревар против Реал Мадрид и победи со 78 : 76. Данстон со 21 поени и Спанулис со 17 беа најдобри поединци кај европскиот првак од претходните 2 сезони, а Родригез со 19 и Фернандез со 18 поени ги предводеа гостите. Со тоа Олимпијакос намали на 2 : 1 во серијата, и ќе биде домаќин и во четвртиот дуел утревечер во Пиреја.
И вториот Грчки клуб е сеуште во игра, откако ја забележа првата победа против ЦСКА со 65 : 59. Во натпревар со мал број поени, кај Панатинаикос Ласме со 13 поени и Рајт беа најефикасни, а кај Русите Вимс го заврши мечот со постигнати 14 поени, во чии редови уште Фридзон успеа да биде дфоцифрен со 10 поени.
Предноста на свој паркет ја искористи и Макаби во победата над Емпорио Армани со 75 : 63 за водство од 2 : 1 во двомечот со Италијанците. Најзаслужни беа Блу со 16 и Хикман со 15 поени, додека во редовите на гостинската екипа Хакет постигна 14 поени, а 12 придодаде Лангфорд. Со евентуална победа во четвртиот настап, Израелскиот клуб има шанса пред своите гледачи да ја заврши серијата, а во спротивно гостите ќе се изборат за “мајсторка“ која би се играла во Милано.
Барселона завчера по третпат беше подобри од Галатасарај во Истанбул со 78 :75, по што Каталонците мирно ќе ја следат разврската во другите четвртфинални серии.
