Собрание

Дискусии наместо прогласување криза

22.09.2022 17:09

Кризната состојба во енергетиката е повеќе од потребна, но во Собранието не се изнајде начин да се прогласи по итна постапка. Одново се соочија ставовите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, расправата се врати во матичната комисија, спикерот Џафери ги предупреди-рокот на објавата истекува на 28-ми септември...

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ посочија дека кризните состојби ќе бидат изгласани, но власта ќе мора да одговори на неколку прашања. Колку ќе чини производството на струја во споредба со лани, кој краде струја, што се случува со ноќните вишоци, колкави се залихите на јаглен и мазут, колкави се хидро-капацитетите, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Мнозинство со став – не е време за политичко спротивставување, доаѓа тешка зима за сите граѓани.

До среда 28-ми септември Собранието ќе гласа за продолжување на кризната состојба во периодот од први октомври до 30 април. Спикерот Талат Џафери предупреди дека каква било дебата или гласање потоа, би биле бесмислени.

По ова продолжи работата на Комисија за одбрана за кризната состојба, за неа ќе расправа и законодавно-правната. Според Владата треба што поскоро да се обезбедат механизмите за справување со кризата.

Власта тврди дека на регулираниот пазар, цената на струјата за 70 илјади мали стопанственици е гарантирана според одлуките на Регулаторната комисија, а за 650 илјади домаќинства зголемувањето е само 7,5 насто.

Игор Панов