Зеленски ги повика руските граѓани на отпор против мобилизација
Во четири украински региони контролирани од Москва и проруските сили, референдум за приклучување кон Русија. Исходот речиси однапред познат. Западот референдумот го оцени како нелегитимен и лажен. Не стивнуваат ниту меѓусебните обвинувања меѓу Москва и Киев за конфликтот. Не молчи ниту НАТО, остро ја осуди руската реторика за нуклеарното оружје. Зеленски апелираше до руските мајки да не ги пуштат децата во војна...

Украинскиот претседател ги повика руските граѓани на отпор против мобилизација. Според него, дојдено e време за одлука. Руските граѓани се веќе соучесници во сите злосторства, убиства и измачувања на Украинци, затоа што молчеле, изјави Зеленски. Апелираше до руските мајки да не ги пуштат децата во војна …
„Знаеме дека нацрт-известувањата за 300.000 луѓе биле испечатени и потпишани однапред, дури и пред да се материјализира оваа одлука за мобилизација. Нашите разузнавачки служби тоа го докажаа. Но, руското раководство се подготвува да прими до милион луѓе во армијата, ова е главното за кое сега молчат, знаеме дека неселективно ќе ги земат сите“, изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Рускиот министер за надворешни работи Лавров на седница на Советот за безбедност на Обединетите нации изјави дека референдумите во Донбас, Херсон и Запорожје се одговор на повикот на украинскиот претседател до Русите да ја напуштат Украина. Го обвини западот за поттикнување конфликт со испраќање во Украина оружје, воена опрема и обука на нивните војници.
„Не се сомневаме дека Украина стана целосно тоталитарна држава слична на нацистите, каде што се газеа нормите на меѓународното хуманитарно право. Нема изненадување што украинските вооружени сили и националните баталјони ја користат тактиката на терористите – користат мирни цивили како жив штит. Таа политика значи директно вклучување на Западот во украинскиот конфликт“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Непромислените нуклеарни закани на Русија мора да престанат, вели американскиот државен секретар Блинкен. Ги повика сите нации да извршат притисок за да претседателот Путин престане со ужасот што го започна.
„Слушаме многу за поделбите меѓу земјите во Обединетите нации. Но, неодамна, она што е впечатливо е извонредното единство меѓу земјите-членки кога станува збор за војната на Русија против Украина. Наместо да го промени курсот, сепак, претседателот Путин се удвои, избирајќи да не ја прекине војната, туку да ја прошири со дополнителни 300.000 војници“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Земјите членки на НАТО остро ја осудија намерата да се одржат т.н референдуми на територијата на Украина под руска окупација и ја отфрлија руската нуклеарна реторика. Членките на НАТО нагласуваат дека никогаш нема да ја признаат нелегалната и нелегитимна анексија на украинска територија. И земјите на Г7 И министрите за надворешни на ЕУ застанаа против мобилизацијата во Русија и референдумите во Украина.
Маријана Димовска
