Охридско крајбрежје

Енергетската криза ќе биде потешка за туризмот од пандемијата

23.09.2022 11:36

Експертите прогнозираат потешка криза во туризмот во однос на пандемијата. Поради енергетската криза поголемиот дел од компаниите нема да може да ги покријат режиските трошоци. Доколку владата не преземе итни мерки доведени во прашање се работните места на голем број вработени во туристичката индустрија...

Доаѓа уште една тешка зима за хотелско-угостителскиот сектор. Експертите прогнозираат потешка криза за туризмот, во однос на пандемијата. Поголемот дел од компаниите нема да може да ги покријат режиските трошоци.

Научната фела смета дека Владата, итно мора да размислува за субвенционирање на електричната енергија, бидејќи голем дел од компаниите ќе стават клуч на врата, а со тоа ќе бидат загрозени работните места на вработените во туризмот.

„Треба итно да се преземат чекори за спас на туризмот и угостителството, да не дозволиме повторно да се случи она во 2020-та година, кога крахира туризмот, вели Климент Наумов, професор на Факултет за туризам.

И големите и малите комппании подеднакво ќе бидат погодени од кризата. Доколку затвораат, ќе се намали девизниот прилив во државата.

„Периодот што следи ќе биде многу тежок, можеби и потежок од периодот во пандемијата. Треба да им се помогне на компаниите. Знам дека дел од хотелите ќе затвораат, особено оние надвор од градското јадро. Тоа е можеби подобра алтернатива за нив, отколку да прават големи трошоци“, вели проф. Цветко Андреески, декан на Факултетот за туризам.

Според процените на ХОТАМ, во хотелскиот сектор на брегот на Охридското езеро има околу 3.000 вработени. Доколку нема поддршка од владата за надминување на енергетската криза, голем дел од нив ќе останат без основна егзистенција.

Соња Рилковска