Здравје

Граѓаните сè почесто посегнуваат по седативи

23.09.2022 11:55

Последниве три години битолските психолози со блокирани термини. Ако на почетокот се посветуваа третмани за загриженоста по здравјето најновите третмани се посветени на стресот наметнат од економската и енергетската криза. Од аптеките велат квотите на седативи за смирување кој се издаваат на рецепт бргу се трошат. Граѓаните веќе употребуваат и антидепресиви на природна база…

Како се нижат глобалните кризи, така се зголемува психолошкиот притисок врз здравјето на граѓаните. Веќе трета година по овој или оној основ, е присутен стравот од несигурноста и неизвесноста што секојдневно ги притиска. Дека душевниот немир е голем, најдобро говори и податокот што пропишаните месечни квоти на седативи на рецепт се недоволни да ги задоволат побарувањата, велат од битолските аптеки.

Граѓаните не се срамат отворено да говорат дека пообемно користат антидепресиви. Велат, економската криза и дивеењето на цените на основните продукти е кулминација на континуираните стресни случувања.

Оние што сами не можат да си дадат „гајрет на душата“, тропаат на вратите на психолозите. Оттаму велат дека веќе се преблокирани.

Психологот Младеновска- Димитровска вели дека секој случај има своја приказна и пристапот е индивидуален. Препорачува секој за себе да преземе соодветни мерки да се заштити но доколу почувствуваат посериозни психички проблеми веднаш да побараат помош од стручни лица.

Стевче Митревски