Во четири украински региони референдум за приклучување кон Русија
Во четири украински региони контролирани од Москва и проруските сили, референдум за приклучување кон Русија. Исходот речиси однапред познат. Западот го оцени референдумот како нелегитимен и лажен. Не стивнуваат ниту меѓусебните обвинувања меѓу Москва и Киев за конфликтот. Кадиров одби мобилизација во Чеченија. Вели-веќе дадовме доволно војници. Не молчи ниту НАТО. Остро ја осуди руската реторика за нуклеарното оружје…

Во воени услови, жителите на регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје коишто се целосно или делумно под контрола на Москва, на референдум за приклучување кон Русија. Петдневното гласање се одржува во отсуство на независни набљудувачи.
„Овој момент го чекаме повеќе од осум години. Одржувањето на референдумот е историска пресвртница“, изјави Денис Пушилин, шеф на самопрогласената Народна Република Доњецк.
Во Доњецк и Луганск на листот за изјаснувањето стои само едно прашање: Пристапување кон Руската федерација – „да“ или „не“. Во Запорожје и Херсон ќе бидат поставени три прашања, кои може да бидат одговорени со „да“ или „не“: истапување од Украина, формирање независна држава и присоединување кон Русија.
„Не сакаме да ги ставиме жителите во непотребна опасност, па решивме да го одржиме гласањето надвор“, вели Наталија Чанари, шеф на избирачко место.
„Моја должност е да одам да гласам, јас ќе бидам еден од првите“, вели Александре Козорезов, жител.
„Русија секогаш беше нашата татковина, ако навистина сакате да знаете. А без неа, едноставно немаме никој. Украина одамна не напушти“, изјави Елена, жител.
„Верувам дека сè во животот ќе се промени со референдумот. Затоа што ако конечно се обединиме со Русија, се ќе биде сосема поинаку“, додава Валентина, жител.
Шефот на руското МНР Лавров изјави дека референдумите се одговор на повикот на украинскиот претседател до Русите да ја напуштат Украина. Го обвини западот за директна вклученост во украинскиот конфликт.
„Москва нема да дозволи Западот да ја користи Украина како отскочна штица за закани по безбедноста на Русија. Не е изненадување што украинските вооружени сили и националните баталјони ја користат тактиката на терористите – користат мирни цивили како жив штит“, нагласи Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Земјите членки на НАТО, Г7 и ЕУ застанаа против мобилизацијата и остро ги осудија референдумите. Според НАТО, со ова се крши повелбата на Обединетите нации. Непромислените нуклеарни закани на Русија мора да престанат, вели американскиот државен секретар Блинкен.
„Не можеме да му дозволиме на претседателот Путин да помине неказнето. Наместо да го промени курсот, сепак, претседателот Путин се удвои, избирајќи да не ја прекине војната, туку да ја прошири со дополнителни 300.000 војници“, нагласи Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Украинскиот претседател ги повика руските граѓани на отпор против мобилизацијата. Според него, дојдено e време за одлука. Апелираше до руските мајки да не ги пуштат децата во војна.
„Знаеме дека нацрт-известувањата за 300.000 луѓе биле испечатени и потпишани однапред. Нашите разузнавачки служби тоа го докажаа. Но, руското раководство се подготвува да прими до милион луѓе во армијата“, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Досега само Чеченија се изјасни за мобилизацијата. Лидерот Кадиров вели дека нема да има мобилизација во Чеченија бидејќи веќе дале 20 илјади војници.
Маријана Димовска
