20 илјади евра за струја, иако фабриката не работела
Сопственикот на фабриката за керамика „Хемија-комерц“ од Велес, Трајче Трајковски се сомнева во исправност на системот за евиденција на потрошена струја, откако за месец август добил сметка од 20 илјади евра, иако фабриката престанала со работа на 12-ти јули...

Сопственикот на велешката фабрика за порцелан, „Хемија-комерц“, Трајче Трајковски реагира на високата сметка за струја, која ја добил еден месец подоцна откако фабриката престанала со работа. Струја не добивал од 12-ти јули, но за август добил сметка од 20 илјади евра.
По неговата реакција до ЕВН, проблемот бил разрешен, добил нова фактура, но Трајковски се сомнева дека грешката можеби не е ненамерна. Додава дека броилото се читало далечински, не со физичко присуство на инкасатори. Прашува, дали и колку има вакви случаи на корисници и дали сите реагирале како него, за зголемени сметки.
Од ЕВН во писмениот одговор за проблемот со сметката на струја на фабриката „Хемија-Комерц“, велат дека по реакцијата на сопственикот, грешката е исправена.
„По реакцијата на корисникот, ЕВН направи корекција и сторнирање на фактурите за месец јули и август, а потоа се издадени нови фактури според фактичката состојба. Воедно, корисникот е известен за направените корекции и ситуацијата е надмината. Корисникот бил исклучен на 12 јули годинава, а состојбите од денот на исклучување не биле фактурирани во јулската фактура. Фактурата за месец август била направена со проценети состојби“.
Фабриката за керамика „Хемија-Комерц“ беше единствената која во Македонија произведуваше порцелански производи. Вработуваше околу 30-тина лица.
Петар Печков
