Свет

Иран: Отворена истрага за случајот со Амини која почина во полициски притвор

23.09.2022 14:17

Отворена е истрага за случајот со 22-годишната Махса Амини која почина во полициски притвор, откако беше уапсена поради неправилно носење на хиџабот. Сведоците тврдат дека била тепана од полициските службеници, по што паднала во кома која траела три дена...

„Во Иран има слобода на изразување, но овие демонстрации се неприфатливи“, предупреди претседателот Ебрахим Раиси.

Отворена е истрага за случајот со 22-годишната Махса Амини која почина во полициски притвор откако беше уапсена поради неправилно носење на хиџабот. Сведоците тврдат дека била тепана од полициските службеници, по што паднала во кома која траела три дена. Според Раиси, во извештајот на медицинскиот вештак не било наведено полициско насилство, а според иранската полиција, девојката починала од срцев удар. Демонстрациите се проширија во 80-тина градови.

Се организираат и протести за поддршка на конзервативната влада. Националната гарда, која е блиска до Врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи, му изрази сочувство на семејството на Амини, но побара судско гонење на секој што ќе шири лажни вести и дезинформации.

„Мора да правиме разлика меѓу демонстранти и вандализам. Демонстрациите се добри бидејќи одредени луѓе можат да си го изразат мислењето за одредени прашања. Во Исламска република Иран денес постојат работи кои се предмет на дебата и за кои можеби постојат различни ставови“, изјави Ебрахим Раиси, претседател на Иран.

Вашингтон најави санкции за т.н. „етичка полиција“ на Иран, а Раиси го обвини Западот за двојни стандарди, нагласувајќи дека токму во САД и Обединетото Кралство се случиле многу убиства од полициска бруталност.

Поради строгите правила за хиџаб, Раиси откажа и интервју за Си-Ен-Ен на Генералното собрание на Обединетите нации. Водителката Кристијан Аманпур во последен момент го одбила неговото барање да носи шамија, нагласувајќи дека во Њујорк нема таков закон или традиција.

Маја С. Филдишев