Се прават проекции за справување со енергетската криза
Не сме изолирани како земја од она што се случува на светскиот и европскиот пазар и ги правиме проекциите како да се справиме со енергетската криза во зимскиот период и наредната година. Ова на дваесет и правата годишна конференција на Македонската берза го изјави министерот за финансии, Фатмир Бесими. Што се однесува до Македонската берза резултатите бележат намалување во споредба со изминатите две години кои беа најуспешни во изминатата деценија...

Никогаш не сме кажале дека ќе биде лесно, правиме се за да се справиме со енергетската криза, како што тоа го правевме и претходно кога бевме активни за време на пандемијата. Ова во Охрид го рече министерот за финансии, Фатмир Бесими при што посочи дека минатата година излеговме од рецесија, но дека сега имаме позабавени стапки на раст. Предизвикот останува голем, бидејќи шокот што е предизвикан на светско ниво не може да се апсорбира само со буџетот, па затоа сите треба да се прилагодиме на новата нормала, а тоа е дека живееме во услови на енергетска криза.
„Секој на свој начин ќе треба да придонесе со заштеди на електрична енергија, со други начини на воздржување на потрошувачка на енергија, но и генерално прилагодување на овие нови прилики на пазарот за да може јавниот и приватниот сектор и граѓаните да излеземе со помалку штета од целава ситуација со енергетската криза. Инаку кога викаме дали државата ќе го подржи, тоа значи или повисоки даноци или поголемо задолжување“, изјави Фатмир Бесими, министер за финансии.
Прометот на Македонската берза до сега е 92 милиони евра, што е намалување во споредба со изминатите години. Сепак може да се каже дека доколку заврши со оваа динамика тоа ќе биде златна средина споредено со изминатите десет години.
„Имаме намалување на прометот оваа година. На пример тргувањето со акции е намалено за 13 проценти во споредба со истиот период лани, така да тие состојби секако се одразуваат на таканаречениот пазарен сентимент, на динамиката на тргување и имаме релативно послаба година во споредба со претходните две. Тие беа две најдобри години во последната деценија, така што имаме влошување, но не драматично“, изјави Иван Штериев, директор на Македонска берза.
Енергетиката беше носечка тема на конференцијата на македонската берза, меѓутоа се зборуваше и за финансиското работење на банките, развојот на финансиските пазари и други актуелни теми.
Сашо Нелоски
