Еколошка работилница во Струга за развој на планинскиот масив Јабланица – Шебеник
Како нај економично и корисно да се управува со природните ресурси? Користејќи ги странските искуства, можеме да создадеме одржлив развој од она што ни го подарила природата. Струшките екологисти со конкретни активности...

Еколошка работилница се организираше во Струга во рамките на прекуграничниот ИПА проект со Албанија „Подобрување на прекуграничната соработка и развој на планинскиот масив Јабланица – Шебеник“ преку активна вклученост на локалното население, финансиран од Европската Унија. На работилницата, според раководителот на овој проект, се зборуваше за позитивните примери од другите држави кои би можеле да се искористат и кај нас.
„Зборувавме за доста позитивни примери од Албанија, Полска и Хрватска каде што на некој начин видовме и иновативност. Еден од примерите беше како сеното кое е одвишок да се искористи, а не да скапува. Локалните фармери од Полска решиле сеното да го преработуваат во брикети. Направиле мал бизнис кој не е можеби многу профитабилен, но придонел за таа заедница“, вели Феросина Пандурска-Драмиќанин, раководител на проектот.
Овие работилници се од суштинско значење да се подигне јавната свест за природните реткоски што не’ опкружуваат, но и за нивна заштита, сметаат струшките екологисти.
„Прогласувањето на планинскиот масив Јабланица - Шебеник за национален парк е од суштествена важност за дивечот, за растителниот свет, за дрвните видови, а посебно на балканскиот рис кој е пред исчезнување“, вели Мате Гогоски, екологист од Струга.
Овој проект ќе заврши кон крајот на годинава со голем прекуграничен саем каде што ќе се сретнат сите луѓе вклучени во него и ќе го промовираат она што е најдобро од планинскиот масив Јабланица - Шебеник.
Јованчо Наумоски
