Куманово

Со месеци се чека за огревно дрво

24.09.2022 10:03

Во Куманово со месеци се чека да се набави огревно дрво. Цената за метер кубен достигна над 5.000 денари. Шумско стопанство и приватните фирми не можат да одговорат на потрошувачката. Полицијата пак од почетокот на годината, регистрира десет пријави за измама.

Енергетската криза и поскапата струја ги принудија граѓаните да се вратат на користење на огревно дрво. Но, на стартот на грејната сезона голема број домаќинства не можат да најдат огревно дрво, бидејќи го нема. Приватните фирми и шумски стопанства не можат да одговорат на потрошувачката, иако цената на метер кубен се искачи над 5.000 денари, што е неколкукратно зголемување во однос на лани. Кумановци со забелешки дека и покрај високата цена, со месеци чекаат да набават огревно дрво.

„Месец дена барам, се викаат нема, а секоја недела нова цена, ми бараа 5.300 за да ми донесат“, вели еден кумановец.

„Многу тешко, луѓето немаат пари, нема снабдување со дрва, па нема ниту од каде да земат, ако имаат некој пари и тој не може да земе“, нагласува друг кумановец.

„Тешко се наоѓаат и добавуваат“, дополнува трет.

Подружницата на Шумско стопанство како и неколкуте приватни фирми се речиси празни, без огревно дрво. Од Шумско стопанство очекуваат да добијат одредена количина. Од приватните складишта нерасположени, несакаат ниту да разговараат.

Кумановската полиција пак од почетокот на годината регистира десет пријави за измами за огревно дрво. Последнатабеше пред неколку дена кога седумдесет и петгодишна кумановка пријави дека била измамена за 10.000 денари при купување на огревни дрва.

„Начинот на измама сторителите го вршат со доаѓање во домот на постари лица, при што ги доведуваат во заблуда, со лажно прикажување на факти дека продаваат огревни дрва, ги наведуваат да им ги платат истите, под изговор дека камионот со дрва е во близина и дека дрвата ќе им бидат донесени, ги земаат парите и заминуваат“, појаснува Ивана Младеновска, портпарол на СВР Куманово.

Од полицијата апелираат граѓаните да бидат претпазливи, кога непознати лица им нудат огревни дрва за пониска цена од продажната. Сомнителните случаи да ги пријават на бројот 192.

 

Елена Георгиевска