Украина

Продолжуваат референдумите за обединување со Русија, нови напади во Одеса и Запорожје

24.09.2022 09:40

Во Украина продолжуваат референдумите за обединување со Русија. САД подготвува нови санкции за Москва, НАТО праќа помош за Киев. Западот предупреди – референдумот е нелегитимен, нема да ги признаеме резултатите од гласањето. Нови напади во Одеса, гранатирано и Запорожје. Има жртви. Бегството од делумната мобилизација во Русија предизвика метеж на границите со Финска, Грузија и Казахстан.

Киев во контраофанзива. Властите известуваат за напади врз Одеса и Запорожје во кои има жртви. Во четирите украински области на териториите под руска контрола продолжуваат референдумите за обединување со Русија. Гласањето во Доњецк, Луганск, Запрожје и Херсон ќе трае до 27 септември. За Киев, ЕУ, НАТО и лидерите на Г7, референдумот е нелегитимен и ги прекршува повелбите на ОН. Резултатите не планираат да ги признаат.

„Светот ќе реагира праведно за псевдо-референдумот, гласањето ќе биде осудено, како и криминалната мобилизација која во моментов окупаторот се обидува да ја спроведе на Крим и други делови од Украина кои се уште ги контролира. Ова не е само злосторство против меѓународното право и законот на Украина. Ова е злосотор против конкретни поединци, против народот“, изјави претседателот Зеленски.

НАТО ќе ја зголеми помошта за Киев, а САД подготвуваат нови економски санкции доколку Москва продолжи со анектирање на Украина.

„Знаеме дека референдумите ќе бидат манипулирани. Имаме информации дека во некои региони, на пример, наводно ги наместиле потребните  бројки за излезност и поддршка за припојување кон Русија на над 75%“, рече Карин Жан-Пјер, портпарол на Белата куќа.

Кремљ предупреди – обидите на Киев да врати територии од Донбас по припојувањето кон Русија ќе се сметаат како напад врз Руската федерација. Во Крим одржан проруски концерт за поддршка на референдумот.

„Со задоволство дојдов на собиров за да изразам солидарност со народот кој гласа за обединување со Русија. Ова се наши луѓе од Донбас, Запорожке, Херсон“, вели Владимир Панков, жител на Крим.

„Во Украина живеам 24 години, ако побарате да ги кажам месеците на украински, нема да знам како. Отсекогаш сме живееле под Русија, Севастопол отсекогаш бил руски, а истото важи и за Харков, кој денес, за жал е се уште на територијата на Украина“, додава Максим Мишин, жител на Крим.

На границите на Финска, Грузија и Казахстан метеж од правец на Русија. Европската унија порача дека руските државјани кои бегаат поради одлуката за мобилизација имаат право да бараат азил во блокот.

„Во Русија се спроведува делумна мобилизација, ќе бидат земени 300 илјади мажи, сите добиваат наредба, никој не знае кој ќе добие утре покана. Поради тоа, одлучивме со пријателите да одиме во една убава земја, да пиеме вино и да јадеме грузиска храна, да почекаме малку.

„Проблемот не е дека ни е страв, проблемот е тоа што не ни се допаѓа ситуацијата. Мене не ми се допаѓа тоа што го прават во Украина. Жал ми е за нашите украински браќа, имам многу роднини таму.

„Бегаме од режимот кој убива луѓе. Првин, убиваа во земјата, а сега убиваат и надвор.

Според „Ројтерс“, Русија планира да потроши 600 милијарди долари за одбранбениот и безбедносниот сектор до 2025 година.

 

Маја С. Филдишев