Украина се подготвува за претседателски избори

22.04.2014 10:06

ОБСЕ ја оценува ситуацијата во земјата како мирна, освен на истокот. Во Славјанск проруските активисти веќе порачаа дека нема да го положат оружјето...

Во Украина почна кампањата за претседателските избори, со претставување на кандидатите на националната телевизија. Деветмина од нив се номинирани од политички партии, при што според анкетите водат поранешната премиерка Тимошенко од „Татковина“, тајкунот Петр Порошенко кој очекува поддршка од „Удар“ на Кличко, Михајло Добкин од „Партијата на регионите“ на соборениот Јанукович, Олег Тјагнибок од десничарската „Слобода“ и водачот на радикалниот „Десен сектор“ Дмитро Јарош, по кого е издадена меѓународна потерница. ОБСЕ ја оценува ситуацијата во земјата како мирна, освен на истокот. Во Славјанск проруските активисти веќе порачаа дека нема да го положат оружјето.

„Одлуките во Женева се донесени без наше учество. Ние немаме врска со кажаното таму. Не сме агресори, на наша земја сме и ги штитиме правата на нашиот народ на самоопределување“, вели Вјачеслав Пономарјов, самопрогласен градоначалник на Славјанск.

Во овој најрадикален град во Доњецкиот регион, ОБСЕ информира дека нема услови за работа поради се полошата ситуација и масовното присуство на вооружени луѓе, поранешната градоначалничка е во притвор и голема е опасноста од вооружен инцидент по велигденското убиство на тројца проруски активисти. Ноќеска, во обид да го спаси Женевскиот договор, во Киев пристигна потпретседателот на САД Бајден. Претходно, во телефонски разговор меѓу американскиот и рускиот шеф на дипломатијата повторно дошло до меѓусебно префрлање на вината за кризата. Стејт Департментот навести дека се уште нема да воведува санкции против рускиот претседател Путин. Неговиот советник Пушков предупреди – САД ризикуваат да направат голема надворешнополитичка грешка и да свртат против себе две светски сили, Русија и Кина.

 

Ивана Салтировска