Бабовски: Несовесните сопственици на свињи го помагаат ширењето на Африканската чума
Африканската чума кај свињите продолжува да се шири. Почна депопулација на стоката во карбинскиот регион. Од почетокот на годината до сега уништени се 3.103 свињи. АХВ врши попис на стоката во зафатените подрачја и апелира малите одгледувалишта да се регистрираат и доследно да ги применуваат био сигурносните мерки...

Африканската свинска чума е глобален проблем и начинот на справување е секаде ист, вели првиот човек на АХВ. Еутаназија на свињите во радиус од три километри од жариштето во одгледувалиштата каде или нема или не се применуваат био сигурносни мерки. Таму каде мерките се применуваат, свињите се носат во кланица, а месото подлежи на техничко-технолошки процес. Во радиус од десет километри се врши депопулација со економско искористување на месото. За ефикасен пристап во соочување со болеста, АХВ изврши попис на свињите во регионите зафатени со болеста.
Инспекторите на терен утврдиле дека во големите фарми доселедно се применуваат био сигурносните мерки. Проблемот е кај малите одгледувалишта кои или воопшто не се регистрирани или имаат ниски био сигурносни стандарди. Последно жариште на чумата е потврдено во Карбинци.
Од првиот случај на африканска чума во делчевско Драмче на почетокот на годината до сега уништени се 3.103 свињи.
Славица Величковска
