Кумановец го искачи највисокиот врв во Мала Азија
Кумановец го освои највисокиот планински врв во Иран и Мала Азија. Бобан Стефановски е долгогодишен планинар кој досега има искачено седум високогорски врвови. За македонската телевизија раскажува дека искачувањето на Дамаванд траело четири дена.

Кумановецот Бобан Стефановски го искачи највисокиот планински врв Дамаванд во Иран и Мала Азија. Овој страстен планинар и планинарски водич, досега има искачено седум високогорски врвови. Искачувањето на Дамаванд, кој е со височина од 5.609 метри, траело четири дена. Вели неопходна беше подготовка изминативе месеци.
„Пред да го искачиме Дамаванд искачивме уште еден врв, Колумбастак висок 4.135 метри. Самото качување започнува од 3.000 метри. Првиот ден се пешачи до 4.200 метри, каде што е првиот базен камп, тука се преспива, вториот ден се искачува до 4.800 метри, тоа е делот на климатизација. Се спуштаме повторно назад до 4.200 метри, тука спиевме и веќе третиот ден тргнавме накај врвот, каде што имавме успешни временски услови и успешно го искачивме врвот“, раскажува Стефановски.
Експедицијата во која учествувале само тројца планинари од земјава, била специфична поради самиот врв, кој е изгаснат вулкан и може да се забележи испарување на сулфур.
„Човек кој има волја за планина некогаш нема да се откаже и секогаш ќе планинари. Има многу поважни работи кои треба да се знаат и почитуваат, но волјата и онаа стравопочит кон планината се можеби најважните фактори кои еден човек треба да ги има за да биде успешен планинар и да се занимава со овој спорт“, додава Стефановски.
Наредната година Стефановски планира повторно да се врати на Алпите.
Елена Георгиевска
