МЗШВ

Финансиска поддршка во поледелството и сточарството

26.09.2022 07:45

Повеќе од 1,5 милијарди денари се легнати на сметките на повеќе од 11.120 земјоделци за нивниот добиточен фонд и за користен сертифициран семенски материјал во поледелството. Според министерството за земјоделство, до крајот на годинава ќе бидат исплатени сите заостанати долгови, а почнува и авансната исплата на субвенциите...

Над 11.120 корисници го оствариле правото на финансиска помош во вредност од 1,5 милијарди денари за обележани грла овци, одгледани и заклани свињи и користен сертифициран семенски материјал во поледелството.

Корисници на мерката за обележани овци се земјоделските стопанства кои поседуваат минимум 30 грла од сите категории. Висината на директните плаќања е 1.200 денари за животно, додека за стадата од 100 до 500 грла, висината на субвенцијата изнесува 1.300 денари.

Во поледелството на земјоделски стопанства кои пријавиле површини со на кои е употребен сертифициран семенски материјал се исплатени безмалку 229 милиони денари на скоро 8.000 лица.

За одгледани и заклани свињи во регистрирани кланични капацитети се исплатени 150 милиони денари за корисници кои одгледале и предале најмалку пет гоеници во период од мај 2020 година до април 2021 година во регистриран преработувачки капацитет.

Според министерството до крајот на оваа година, со обезбедените 2,7 милијарди денари дополнителни средства во буџетот, ќе се расчистуваат сите заостанати долгови кон земјоделците, а почнува и авансната исплата на субвенциите.

Методија Трајков