Охрид

Кардиолошкиот центар во Охрид доби нов ангиограф

26.09.2022 11:52

Во Специјалната болница „Свети Стефан“ во Охрид во моментов се монтира новиот ангиограф што ќе придонесе да се спасат многу животи. Стариот извесен период беше вон функција поради што пациентите со срцеви заболувања од југозападниот дел на земјава се препраќаа во скопските клиники. Од овој регионален центар велат дека имаат потреба од повеќе простор и од уште еден ангиограф, бидејќи обемот на работа е голем, а просторот кај специјалната болница „Свети Еразмо“ и по седум години од почетокот на работите не е уреден...

Во Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ во Охрид во тек е монтажата на новиот ангиограф на што подолго се чекаше, бидејќи стариот беше вон функција. Поради тоа се создаде поголема листа на чекање, меѓутоа од болницата каде што годишно се вршат 2.000 дијагностички и интервентни процедури уверуваат дека времето на чекање ќе се намали доколку се обезбедат средства за набавување на дополнителни материјали.

„Чекањето за елективниот програм за пациентите е некаде три месеци во нашава установа, посебно сега во периодов бидејќи не работи ангиографот. Се монтира новиот ангиограф, ќе имаме зголемување на листата на пациенти за чекање, меѓутоа се надеваме дека со новиот ангиограф ќе се подобрат услугите“, изјави д-р Елена Коваческа Башуроска, директор на Специјалната болница „Свети Стефан“.

Башуроска посочи дека поради обемот на работа и нефункционалноста на ангиографите во југозападниот дел од земјава овој регионален коронарен центар има потреба од дополнителен простор и уште еден ангиограф. Тоа го отвора прашањето зошто и по 7 години од почетокот на работите за уредување на таков простор во рамките на Специјалната болница „Свети Еразмо“ проектот тапка во место. Од Министерството за здравство велат дека градежните работи се при крај и дека поради недефинирани односи помеѓу министерството и изведувачот не се реализирани 5 проценти од работите.

„Во неколку наврати се координиравме со изведувачот на објектот и сметам дека сме веќе во завршна фаза. Јас искрено очекувам сите тие правни процедури коишто се меѓу изведувач и нарачател, во овој случај министерството да се надминат и овој проект да се заврши до крај на годината, со тоа што јас се надевам дека јануари месец ќе биде месец на отворање на таа болница“, изјави Беким Сали, министер за здравство.

Охридскиот регионален коронарен центар кој годинава го одбележуваа 40-годишниот јубилеј од формирањето доби голема поддршка од општествено одговорни институции со чии средства се реновираа повеќе делови на болницата, а особено важна е инвестицијата во одделот за интензивна нега и салата за интервентна кардиологија.

Сашо Нелоски