Свет

Крајната десница триумфираше на вонредните парламентарни избори во Италија

26.09.2022 12:39

Победа на крајната десница во Италија. Џорџа Мелони и нејзината партија „Браќа на Италија“ добија речиси една четвртина од гласовите. 45-годишната политичарка е на пат да стане првата премиерка на Италија, но и челник на најдесничарската влада од крајот на Втората светска војна...

„Ако нè избраа да ја водиме државава, ќе ја водиме за сите Италијанци“, порача лидерката на крајната десница Џорџа Мелони чијашто партија триумфираше на вонредните парламентарни избори во Италија. Со овие резултати, земјата ќе ја добие првата премиерка којашто ќе треба да ја предводи најдесничарската влада од Втората светска војна, а овој блок добива уверливо мнозинство во двата дома на Парламентот. Во победничкиот говор, Мелони ја ублажи реториката и ја намали важноста на постфашистичките корени на партијата којашто ја претстави како политичка група од главната струја, споредувајќи ја со британските конзервативци. Вети дека ќе продолжи да ја поддржува политиката на Западот кон Украина, но и дека нема да експериментира со кревката финансиска ситуација во Италија, која по Грција е најзадолжената земја во Еврозоната.

„Верувам дека ситуацијата во која се наоѓаат Италија и ЕУ, ситуацијата со која мора да се справуваме е особено сложена и потребно е секој да придонесува за мирна клима, во која ќе се одржува меѓусебното почитување што е основа за дијалогот во секој демократски систем. Единствено може да жалиме за ниската излезност, сè уште имаме многу Италијанци кои одбиваат да гласаат“, изјави Џорџа Мелони.

Демократската партија го призна поразот, но вети вистинска борба во Парламентот каде што се пласира како втора политичка сила и главна опозициска струја.

„Според резултатите, можеме да им ја признаеме победата на десничарите и Мелони. Ова е тажна вечер за земјата бидејќи исходот не е позитивен. Но ние сме првата опозиција во Парламентот, а и сме втора политичка сила. Ќе бидеме одлична опозиција, важна опозиција и ќе имаме огромна одговорност“, изјави Дебора Серачиани, лидер на демократите во Долниот дом на Парламентот.

Скокот на цените на енергенсите, војната во Украина и повторното забавување на третата најголема економија во Еврозоната се меѓу главните предизвици на новиот кабинет. Мелони ја презема должноста од Марио Драги, чијашто влада се распадна по 18 месеци откако ја напуштија популистите од движењето „Пет ѕвезди“.

Маја С. Филдишев