Протест во „Прилепско поле“ за неисплатени плати
Вработените по „Прилепско поле“, подружницата на Водостопанство на Македонија излегоа на протест поради неисплатените три плати, а стигнува и септемвриската. Иако имаат речиси целосна наплата на обврските за наводнување, остануваат без пари и не знаат кога ќе се реши состојбата иако им се споменува за една плата до крајот на неделата. Ситуацијата е крајно неизвесна...

Неисплатените три плати, а веќе стигнува и септемвриската, ги принудија на протест вработените во Прилепско поле. 25-те вработени и 11 сезонски работници се во крајно незавидна состојба. Велат, сепак, направиле напор да ја завршат сезоната за наводнување за да не ги стават во тешка ситуација корисниците земјоделци. Незадоволни од работата на синдикат, потпишаа и истапници од Сојузот.
„Прилепско поле“ е една од 14-те подружници на „Водостопанство“. Според раководството на подружницата им е речено дека Владата го прифатила барањето за подобрување на ликвидноста на претпријатието, поминал и финансискиот план, ама услов било Водостопанство да обезбеди една плата.
„Прилепско поле“ има целосна наплата за наводнување на 450 хектари со склучените 1.800 договори со земјоделците. Тешко е за одржување на каналите поради проблеми со механизацијата.
Елизабета Митреска
