Нема најава за проблеми со снабдувањето со масло за јадење, ниту за негово посакапување
Македонскиот пазар нема да има проблеми со снабдувањето со масло за јадење, ниту со неговата повисока цена најмалку до следната пролет. Годинава има богат род на сончогледот, повисока откупна цена што резултира со три пати повеќе род од лани...

Не се најавуваат проблеми во снабдувањето со масло за јадење до следната пролет, ниту покачување на неговата цена. Оваа вест ја објави директорот на велешката фабрика за масло. Ги повикува граѓаните да не создаваат непотребни залихи, оти следниот период пазарот ќе биде редовно снабдуван со овој основен прехранбен продукт.
Причината за ваквата охрабрувачка најава е што годинава има повеќе засеани површини, висок принос на сончогледот и добрата цена за откуп. Велешката фабрика најавува дека ќе го откупи целото годинашно производство, кое се проценува дека ќе биде помеѓу 10-11 илјади тони и истото ќе биде исплатено до крајот на годината. Досега биле откупени шест илјади тони сончоглед, повеќето од оваа количина била од индивидуални земјоделци. Со ова количество фабриката може да работи два месеци без увоз на суровини од странство.
За споредба лани биле откупени четири илјади тони, тогаш откупна цена била 28, а годинашнава е за седум денари повеќе или 35 денари за килограм. Владата го забрани извозот на сончогледот од земјава.
Петар Печков
