Руско - украински конфликт

Зеленски: По референдумите нема простор за преговори со Русија

26.09.2022 14:43

Четврти ден од референдумот во четирите украински области под руска контрола. Киев порача дека по гласањето нема да постои можност за преговори со Москва. Русија го обвини непријателот за гранатирање на нуклеарната централа во Запорожје. Продолжува евакуацијата во неколку села во Лиман и Донбас...

Четврти ден од референдумското изјаснување во украинските области под руска контрола. До сега најголем одѕив е забележан во самопрогласената Доњецка Народна Република. Во Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје носат гласачки кутии од врата до врата, придружувани од припадници на службата за безбедност.

Украинскиот претседател вели дека по референдумите, нема простор за преговори со Русија. Уште еднаш апелираше до руските граѓани да се борат против мобилизацијата.

„Криминалната мобилизација се користи од Русија не само за продолжување на страдањата на луѓето во Украина и за дополнително дестабилизирање на светот, туку и за физички уништување на мажите, претставници на домородните народи кои живеат на териториите привремено контролирани од Руската Федерација“, изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Момче кое требало да биде мобилизирано, со пушка нападна воена канцеларија за регрутирање. Освен раководителот, кој е во критична состојба, тешко повреден е и шефот на воениот оддел. Во меѓувреме во Украина се откриени уште две гробници со тела на стотици луѓе во североисточниот град Изјум. Жителите се жалат дека им е потребна хуманитарна помош.

„Имаме деца, инвалиди, имаме луѓе кои се врзани за кревет, луѓе постари од 80 години, на кои навистина им е потребна помош. Навистина им требаат пелени, лекови, средства за лична хигиена“, вели Ала Нестеренко, жител на Изјум.

Продолжува евакуацијата во неколку села во Лиман и Донбас.

„Евакуацијата на цивилите се одвиваше во исто време со чистењето и деминирањето. Имаше многу луѓе кои останаа овде од април, беа изгубени и исплашени, не знаеја какви воени операции или кој ја држеше територијата на тоа време“, изјави Васил Шевчук, заменик командант на полкот Днипро.

Портпаролот на Министерството за одбрана изјави дека украинската војска изгубила над 120 војници, како резултат на руските масовни напади во областа Харков.

„Непријателските загуби изнесуваат над 120 жртви и уништени се 15 единици воена опрема. Високопрецизните удари на руските воздухопловни сили против привремените места за распоредување на „Странската легија“, елиминираа до 100 милитанти“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.

Во близина на украинското пристаниште Одеса, синоќа е извршен напад со дрон кој предизвика голем пожар и експлозија, соопшти украинската армија. Во светот се поголем е стравот од употреба на нуклеарно оружје од страна на Русија.

„Оваа војна мора да престане. Мора да направиме сè што е во наша моќ за да спречиме нуклеарна несреќа што би додала трагедија на страдањата“, порача генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси.

Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија повика на прекин на војната во Украина, предупредувајќи дека најголемата европска нуклеарна централа и натаму е „под оган“.

Маријана Димовска