Енергетика

БЕГ: Немаме законска обврска, ниту можност да испорачуваме топлинска енергија

26.09.2022 14:50

На само неполни три недели до стартот на грејната сезона од БЕГ велат, немаме правен основ да располагаме со топланите, ниту обврска да вршиме на дејноста во новата грејна сезона. Ставот доаѓа по информациите дека се должни да испорачуваат топлинска енергија до изборот на нов носител на лиценца. Менаџментот вели, договорот е раскинат, а компанијата е финансиски неспособна за вршење на дејноста поради големи загуби...

БЕГ најавува можност да ги смрзне скопјани. Компанијата којашто досега снабдуваше голем дел од граѓаните со топлинска енергија тврди дека нема ниту има законска обврска, ниту правна можност, ниту финансиска моќ да обезбеди парно греење. Оттаму велат дека по одземањето на лиценцата на 20 јуни ги направиле потребните ремонти, но истекле 90 дена за избор на нов вршител на дејноста.

„БЕГ Производство нема правна основа за користење на топланите, бидејќи Договорот за закуп е раскинат и новиот сопственик на топланите побара примопредавање на истите. Дополнително, компанијата е финансиски неспособна за вршење на дејноста поради големите загуби остварени претходната грејна сезона како резултат на неколкукратно зголемените трошоци за набавка на енергенси и на електрична енергија, кои не беа покриени од одобрените тарифи од Регулаторната комисија за енергетика“, велат од компанијата.

И Владата и првиот човек на Регулаторната комисија посочува дека Законот за енергетика е многу јасен – сè додека друга компанија не добие лиценца, БЕГ мора да продолжи да ја извршува дејноста и на граѓаните да им обезбеди греење.

Откако БЕГ остана без лиценци, ЕСМ формираше компании за кои доставија понуди за организирање на парно греењето во Скопје. Но, остана неизвесно производството оти сопственик на топланите Исток и Запад е „Адора“ која инсистира на нивна продажба, а ЕСМ ги бара под закуп. Грејната сезона почнува на 15-ти октомври, но ако температурата падне под 12 степени, може да почне и на 1-ви октомври.

Марина Стојанова Тонева