Руско - украински конфликт

Референдумите финишираат, битките продолжуваат

27.09.2022 12:08

Привршуваат референдумите во самопрогласените Народни републики Доњецк и Луганск и во регионите Херсон и Запорожје. Руси се обидуваат да ја напуштат земјата по воената мобилизација. Загинати и повредени цивили во ракетен напад во Запорожје...

Привршуваат референдумите во самопрогласените Народни републики Доњецк и Луганск и во регионите Херсон и Запорожје. Украинските и руските сили и натаму водат битки во различни делови на Украина. Украинската војска извести за напади на исток, во регионот Харков. Загинати и повредени цивили во ракетен напад во Запорожје. Во последните три дена забележани 115 напади на Доњецк.

„Досега немаше сериозни инциденти, такви работи не ми се пријавени. Сите обиди на Украина да го попречат гласањето не успеаја, иако украинските националисти дадоа се од себе за да го спречат гласањето“, изјави шефот на самопрогласената Луганска Народна Република, Леонид Пашечник.

„Осум години сме гранатирани. Уморни сме, сакаме мир. Заради мир и спокој станавме членови на комисијата за конечно да престане ова, да стави крај на ова“, изјави Људмила Демјанова, член на комисијата за референдумско избирачко место.

Голем дел од руските граѓани се обидуваат да ја напуштат земјата по воената мобилизација наредена од претседателот Путин. Наредбата да се мобилизираат 300 илјади резервисти предизвика масовни протести на кои се уапсени над илјада луѓе.

„Јасно е дека во Русија нема доброволци за регрутација. Да се биде во некој град во Украина и да се плашиш дека ќе падне бомба врз тебе, тоа е пострашноСтрашно е и овде, и за луѓето кои се против, кои се обидуваат да направат нешто во врска со тоа“, вели Михаил Суетин, демонстрант.

Руското Министерство за одбрана објави снимка од регрутирани граѓани кои го напуштаат Санкт Петерсбург. Се мобилизираат само оние што имаат борбено искуство.

„Прво, дадовме заклетва дека татковината мора да се брани, а второ, на нашиот народ му треба помош“, вели Илја Сергеенко, резервен офицер.

„Се оди кон логичен заклучок. Ќе победиме! Нема фиксни рокови. Задачата е поставена и ќе се изврши. Ќе ја браниме нашата татковина“, рече руски резервист.

Зеленски уште еднаш ја осуди мобилизацијата. Се осврна на тековните руски обиди за пробивање на одбранбените линии во Донбас, клучна цел на кампањата на Москва.

„Уште еднаш се уверивме дека руската мобилизација е искрен обид да им се даде на командантите на терен постојан прилив на топовско месоНема друго значење руската мобилизација. Не се сомневам дека ќе има ќе има одговорност за сите што ја покренаа оваа криминална војна против Украина и слободата во Европа“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Заменикот-шеф на рускиот совет за безбедност, Медведев, повторно го спомна нуклеарното оружје. Според него, Русија има право да користи нуклеарно оружје доколку е потребно, во одредени ситуации. Генералниот секретар на ОН Гутереш повика на окончување на ерата на нуклеарни уцени.

Маријана Димовска