ССМ бара усогласување на платите со минималецот
Истекува законскиот рок за усогласување на платите со минималецот од 18 илјади денари. ССМ бара почитување на договореното. Усогласување со литерарно зголемување на платите не е решение, велат од Владата. Ќе го повика синдикатот на дијалог за потпишување општ колективен договор...

Истекува законскиот рок од 6 месеци за усогласување на минималните плати во јавниот сектор. Во Сојузот на синдикати велат дека тоа веќе е направено во Јавните комунални претпријатија и во дел од општините, но не и во институциите на Владата.
Усогласување со линеарно зголемување на платите не е решение, вели вицепремиерот Битиќи. Владата наскоро ќе го повика ССМ да продолжи дијалогот и да се постигне договор за потпишување на општиот колективен договор, до крајот на годината. Со новата методологија ќе се бара продуктивност и ефикасност, а ќе се подготви и нов закон во јавниот сектор.
Од Сојузот на синдикати велат дека за последен пат е разговарано по 1-ви мај со Битиќи и Тренчевска за зголемувањето на платите од 2.806 денари. Тогаш не се зборувало за нова методологија, туку за првпат во август. Според Димовски, таа е јасно впишана во законот и затоа доколку сметаат дека е неприменлива подготвени се да разговараат за нова.
Ана Јосифоска Тодоровска
