НАСА

ДАРТ успешно удри во астероид

27.09.2022 12:58

Успешно мина првиот тест за планетарна одбрана на НАСА. Вселенско летало Дарт удри во астероид за време на пробата за одбрана на Земјата од небесни тела. Резултатите и промената на орбитата ќе бидат познати за неколку месеци. Сондата беше лансирана во ноември, лани, од Калифорнија со ракетата Фалкон 9 на Спејсикс...

НАСА успеа да го спроведе првиот тест за одбрана на Земјата. Сондата ДАРТ удри во астероид при пробата за безбедно пренасочување на небесните тела кои се можна закана за Земјата. Историскиот космички судир се случи во 1 часот и 14 минути, на далечина од 11 милиони километри од планетава, со брзина од 22.500 км на час. Одделот за координација на планетарната одбрана и за рано откривање на закана од таканаречени „НЕО тела“, односно „Тела близу Земјата“ постои од 2016-та. За мисијата се потрошени 325 милиони долари.

„За прв пат, човештвото покажа способност самостојно да цели кон небесно тело и да му ја смени орбитата. Ударот во астероидот „Диморфос“ беше потврден во 19 часот и 14 минути по источно време, кога Оперативниот центар на мисијата ДАРТ го изгубил сигналот со леталото“, изјави доктор Ралф Семел, директор на „Џон Хопкинс АПЛ“.

„Во наредните два месеца, ќе добиеме повеќе информации од истражниот тим за промената што сме ја направиле, бидејќи тоа е нашата втора цел. Првата беше да удриме во астероидот, а тоа го постигнавме. А, сега треба да измериме и да утврдиме колку исфрлени материи можеме да добиеме“, информираше Елена Адамс, од НАСА.

„Емоцијата е голема во најважните мигови, имавме изненадувања во последните неколку недели, работевме многу како тим. Изградивме пријателства. Олеснување е што помина добро“, изјави доктор Џули Белероуз, НАСА.

Во меѓувреме, повторно беше откажано лансирањето на лунарната мисија на ракетата „Артемида 1“, но овој пат поради тропската бура на Флорида. Првите две беа одложени поради технички проблеми. Наредниот временски интервал за лансирање е предвиден во октомври. Целта на овој потфат е да се создаде солидна основа за патувања на месечината со човечки екипаж. За проектот „Артемида“ до 2025-та година ќе бидат одвоени 93 милијарди долари.

Маја С. Филдишев