Пропаѓа богатиот род на сливите во Малешевијата
Богатиот и квалитетен род на сливите годинава не им се исплати на производителите од делчевско. Откупот е слаб, цената ниска, добар дел од родот остана необран. Во моментот најголем дел од сливите се складирани во вреќи и чекаат откуп по цена која е неколкукратно пониска од пред седум години кога сливите се откупуваа за 24 денари за килограм...

Околу третина од родот на сливите остана во овоштарниците во делчевско. Добар дел од сливите скапуваат во вреќи и чекаат откуп за производство на ракија, а само мал дел од родот е откупен од лиценцирани откупувачи, по цена од 6 до 12 денари за килограм.
Атанас Ангеловски годинава набрал 150 тони сливи, откуп обезбедил за само една третина. Последна надеж на сливарите е откупот за ракија, кој главно го вршат физички лица.
Годинава родот на сливата во делчевско се цени на околу 14 илјади тони. Заради недостигот на откуп и ниските цени производителите протестираа пред еден месец. Од надлежното министерство добија ветување за дополнителни четири денари за откупен килограм, но трајно решение на проблемот тие гледаат во повеќе откупни центри во Малешевијата, дестилерија, преработувачки капацитет и сушилница за сливите.
Славица Величковска
