Ковачевски: Имаме план за справување со кризата
Владата има многу јасен план за справување со енергетската криза, тврди премиерот Ковачевски. Уверува дека нема да има проблеми ниту со затоплувањето на скопјани со парно. Со неколку земји се преговара за набавка на струја и гас. Ковачевски смета дека на кризата не треба да се добиваат политички поени...

Ставање во функција на сите енергетски капацитети. Ова е планот на Владата за справување со енергетската криза. Во функција да бидат блок 3 во РЕК Битола, Тец Осломеј, како и ТЕЦ Неготино. Последава веќе почна да произведува струја. Премиерот Ковачевски информира дека со Србија, Бугарија и Турција се преговара за најсоодветно снабдување со енергија. Во однос на финансирањето, претседателот на Владата појасни дека е обезбедена финансиска конструкција со билатерални кредитори, а се очекува наскоро да завршат и преговорите со ММФ.
И додека се бара начин како да се премости тешката зима, градоначалници велат дека на општините им се заканува банкрот. Градоначалникот на Карпош Јакимовски вели дека се соочуваат со неизвесност зашто не се знае колку ќе биде во иднина цената на струјата и бара училиштата, градинките, општината и јавните претпријатија да бидат на регулираниот пазар.
Во пресрет на грејната сезона, општините од внатрешноста купуваат дрва за да ги затоплуваат училиштата и градинките, но бараат и начин како да ги намалат сметките за струја кои не се во можност да ги платат поради скромните буџети.
Анита Димитријевска – Велковска
