МВР спречи три обиди за илегална емиграција
22.04.2014 12:54
За овие случаи осомничени се вкупно четири лица, од кои тројца се македонски државјани, а еден е со грчко државјанство...

Министерството за внатрешни работи во изминативе неколку дена реализираше три случаи на илегална емиграција при што задржани се 15 лица на возраст од 17 до 42 години по потекло од Сомалија, Сирија и Авганистан, информира министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска која денеска го посети Прифатниот центар за странци.
За овие случаи осомничени се вкупно четири лица, од кои тројца се македонски државјани, а еден е со грчко државјанство. Сите тие ќе бидат покриени со три соодветни кривични пријави, рече Јанкулоска.
Таа додаде дека во 2014 година досега се откриени 24 кривични дела поврзани со делото „криумчарење мигранти“. За овие дела осомничени се 40 лица при што шест дела се однесуваат на организирање на група и поттикнување на извршување на делата „трговија со луѓе и криумчарење мигранти“ и тие се сторени од 14 сторители. Во овие случаи, како што посочи, идентификувани се вкупно 114 мигранти.
Инаку, во моментов во Прифатниот центар згрижени се вкупно 70 лица, од кои 59 машки и 11 од женски пол. Нивната возраст е од девет до 61 година што значи четири од нив се деца. Според земјата на потекло, 28 се од Авганистан, 21 лице е од Сирија, девет од Сомалија, четири се од Алжир, пет се од Еритреја и по едно лице од Конго, Албанија и од Пакистан.
