Бектеши: Земјава нема проблем со природен гас, предизвик е цената
Цените беснеат, власта чека Собранието да го усвои законот за заштита на потрошувачите. Министерот за економија, Бектеши, се закани – состојбата се следи ама ако продолжи ваквиот тренд ќе се оди и на замрзнување на цени…

И, додека се чека одговор за снабдување со енергенси од турски Боташ, министерот за економија со став дека земјава нема проблем со природен гас. Предизвик е цената по која се нуди на домашниот пазар.
„Денешните цени на берзите се неколкукратно помали од тоа што наш трговец нуди како природен гас. Понудена цена е 2500 долари за 1000 метри кубни гас. Го користат моментот, затоа што имаме двајца трговци за да се добие во овој момент. Затоа што е поголема цената од онаа што се нуди на светските берзи како понуда и кон ТЕТО и кон ЕСМ. Денеска е околу 1700 долари“, вели министерот за економија, Крешник Бектеши.
За владините мерки за помош на стопанството, министерот со став дека компаниите кои штедат енергија и кој имаат сериозни проблеми ќе ја добијат владината поддршка. Банките, казината, руднците, нема да бидат помогнати, вели министерот за економија. Тој најави и мерки за заштита на потрошувачите.
В четврток заседава Комисијата за европски прашања во делот на Законот за заштита на потрошувачите, а ова законско решение, според министерот, најверојатно следната недела ќе се најде пред пратениците.
Марина Стојанова Тонева
