Јубилејно 25-то издание на „Денови на комедија“
Дванаесет претстави на театри од земјава и соседството, како и една стендап комедија на млади актери, ќе се изведат на јубилејното 25-то издание на фестивалот „Денови на комедија“, кој се одржува во Куманово. За прв пат годинава фестивалот ќе има и натпреварувачки карактер. Признанието „Васил Иљоски“ ќе му припадне на актерот Благоја Чоревски...

Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ годинава го организира 25-тото издание на меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија Куманово“. На фестивалот кој ќе започне утревечер ќе се изведат 12 претстави на театри од земјава, Србија, Хрватска и Бугарија, како и една стендап комедија на млади актери. Први ќе настапат гостите од Винковци со претставата Приватни животи, а традиционално фестивалот на 14-ти октомври ќе го затвори кумановскиот театар.
-Навистина сме среќни и горди што еве 25 години се навршуваат на овој фестивал. Успеавме можеби во најтешките времиња, минатите две години да го одржиме овој фестивал, континуитетот-истакна директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово, Сашо Тодоровски.
Организаторите информираат дека за само четири часа биле продадени над 4.000 билети, односно 50 отсто од вкупниот број.
-Почнавме многу скромно, но со текот на годините овој фестивал навистина стана самоодржлив, популарен, тоа може да се види пред долгите редици пред билетарниците. Стана респектабилна, културна случка во Куманово-истакна Горан Илиќ, актер и член на Совет за организација на фестивалот.
Признанието „Васил Иљоски“, кое фестивалот го доделува за особен придонес во развојот на театарската уметност, годинава ќе го добие актерот Благоја Чоревски. Од оваа година фестивалот ќе биде со натпреварувачки карактер. Стручно жири, ќе оцени најдобра претстава, женска и машка улога, сценографија, костимографија и режија. „Денови на комедија“ се одржуваат со финансиска помош од Министерството за култура и Општина Куманово.
Елена Георгиевска
