Дебатата за продолжување на кризна состојба во енергетиката продолжува утре
По расправата во матичната комисија, а по нејзиното завршување и на пленарна седница ќе може да се гласа да продолжи за уште половина година кризната состојба во оваа област, што е во сила со одлука на Владата од 1 септември.

Утре продолжува расправата во собраниската Комисија за одбрана и безбедност за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на целата територија на државата, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија и за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија.
По расправата во матичната комисија, а по нејзиното завршување и на пленарна седница ќе може да се гласа да продолжи за уште половина година кризната состојба во оваа област, што е во сила со одлука на Владата од 1 септември. Седницата по овие точки ќе продолжи утре во 11:30 часот.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели- граѓаните на Град Скопје да бидат спокојни оти топлинска енергија ќе добијат на 15 октомври. Тој посочи дека деновиве би требало да биде исполнет условот за добивање на лиценца на ЕСМ за производство на електрична енергија.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека државата не е подготвена за периодот што следува, бидејќи како, според нив, не обезбедила гас и енергенси по конкурентни цени. Тие ја обвинија Владата дека требало да преземе активности и уште во месец август и требало да преговара за набавка на гас за грејната сезона.
