Војна на исти фудбалски филозофии на Висенте Калдерон!
Мадрид два дена ќе биде фудбалски центар на светот. Клубовите од главниот шпански град ќе бидат домаќини во првите мечеви од полуфиналето на Лигата на шампионите. Резултатот, а не впечатокот е најважен во филозофија на двајцата тренери, па во пресметката меѓу Атлетико и Челзи се очекува повеќе војна, отколку фудбал убав за око. И Симеоне и Мурињо преферираат цврста одбрана и мечеви со малку голови, иако меѓусебната традиција донела 13 погодоци во трите досегашни дуели.

Мадрид два дена ќе биде фудбалски центар на светот. Клубовите од главниот шпански град ќе бидат домаќини во првите мечеви од полуфиналето на Лигата на шампионите. Резултатот, а не впечатокот е најважен во филозофија на двајцата тренери, па во пресметката меѓу Атлетико и Челзи се очекува повеќе војна, отколку фудбал убав за око. И Симеоне и Мурињо преферираат цврста одбрана и мечеви со малку голови, иако меѓусебната традиција донела 13 погодоци во трите досегашни дуели. Во Супер купот пред две сезони, Атлетико славеше со 4:1, во фазата по групи во 2009-та, во Мадрид беше 2:2, во Лондон - Челзи беше супериорен со 4:0.
Аргентинецот од Атлетико повторно создаде европски респектабилен тим кој е во пол позиција за шпанската титула и е во елитното полуфинале по 40 години, но и покрај одличните бројки Симеоне вели дека се уште ништо не освоиле. Атлетико сезонава дома загуби само еднаш во 28 натпревари, ниту една англиска екипа никогаш на се радувала на Висенте Калдерон, во Лигата на шампионите црвено - белите триумфираа на сите пет меча во Мадрид и вкупно имаат најдобра одбрана со само пет примени гола во десет дуели. Единствено е неизвесен настапот на Арда Туран кој го пропушти последниот тренинг. Со и без него, Симеоне нема да менува ништо во формацијата со двајца напаѓачи со Коста кој на шест меча постигна седум гола и со Виља без разлика што се уште е без елитен погодок, а Раул Гарсија има четири, но најверојатно ќе остане на клупата. И тактичката интенцијата на Аргентинецот ќе остане иста без разлика што Атлетико ќе биде домаќин, а тоа е да брани простор без постојано да ја има топката во свој посед. Куртоа е со измешани чувства, но изјави дека нема да биде сентинемтален без разлика што е позајмен од Челзи за којшто се уште нема ниту меч.
Мурињо добро ги знае квалитетите на Атлетико, но не очекува полуфиналето да биде решено вечерва. Грижите на „специјалниот“ кој по 77 натпревари првпат загуби меч на Стемфорд бриџ во Премиер лигата и тоа од последнопласираниот Сандерленд, се поголеми. Повредениот Ето дефинитивно нема да игра, суспендиран е Ивановиќ, а се уште недоволно опоравен е Азар, но се очекува сепак да биде во првиот тим. Иако е пологично Азпликуета да се помести десно, а Кол да се врати на левата дефанзивна позиција, инсајдерските информации велат дека Мурињо на тренингот разработувал варијанта и со Луиз како бек. Ако Бразилецот сепак остане во средниот ред, тогаш дилемата е кој покрај него, Рамирез или Лампард. Најверојатно предност во нападот пред Ба ќе добие Торес кој е најмладиот капитен во историјата на Атлетико и за својата омилена екипа на 214 првенствени натпревари постигна 84 гола. Челзи по седмипат е полуфиналист во Лигата на шампиноите, има незгодна традиција од само три триумфи на 14 гостувања во Шпанија, но Мурињо загубил само еднаш, а победил осум пати кога на спротивната клупа бил Симеоне.
Стандардниот термин на дуелот Атлетико Мадрид - Челзи е 20 часот и 45 минути во којшто утре на Сантијаго Бернабеу ќе играат Реал Мадрид – Баерн Минхен со пренос на МРТ1.
