Руско - украински конфликт

Зеленски: Референдумите на Кремљ се фарса

28.09.2022 09:29

Проруските власти прогласија победа на референдумот за спојување со Русија. Зеленски гласањето го нарече „фарса“. ЕУ планира да воведе санкции за организаторите на референдумите...

Проруските власти прогласија победа на референдумот за спојување со Русија. Гласањето за анексија, велат, го дало очекуваниот резултат.

„Ќе биде невистинито ако кажам дека не го очекувавме овој резултат. Верував и верувам во Донбас, во нашиот народ. Над 2 милиони луѓе го штиклираа полето на долгоочекуваното – да“, вели Денис Пушилин, раководител на регионот Луганск.

Според руските изборни претставници, 93 насто од гласачките ливчиња дадени во регионот Запорожје ја поддржале анексијата, 87 насто во регионот Керсон, 98 проценти во Луганск и 99 насто во Доњецк.

„Ќе подготвам документ до рускиот претседател Владимир Путин со барање да се разгледа приклучувањето на Луганската Народна Република кон Русија, како територијален ентитет на Руската Федерација“, изјави Леонид Пасечник, шеф на самопрогласената Луганска Народна Република.

В петок се очекува Путин да се обрати во рускиот Парламент за референдумите, а пратениците од Горниот дом се очекува да го разгледуваат законодавството за анексија на 4-ти октомври.

Украинскиот претседател Зеленски ги исмеа референдумите на Кремљ нарекувајќи ги „фарса“.

„Оваа фарса на окупираната територија не може ни да се нарече имитација на референдуми. Однапред знаевме што ќе се извлече наместо резултатот. Дури и разузнавачките служби не мораа многу да работат“, изјави украинскиот претседател,  Володимир Зеленски.

ЕУ планира да воведе санкции за организаторите на референдумите, кои САД и нивните западни сојузници ги отфрлија како нелегитимни. Ова е кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина-напиша на твитер високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

Ова е уште едно кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, во услови на систематско прекршување на човековите права. Ја поздравуваме храброста на украинците, кои продолжуваат да се спротивставуваат и да даваат отпор на руската инвазија, нагласи Борел.

Во меѓувреме на сателитските снимки и натаму се гледаат долги колони возила и луѓе што чекаат да ја преминат границата од Русија во Грузија. Масовниот егзодус на мажите од Русија почна непосредно по најавата на Путин за делумна мобилизација.

Бојана Крстевски