Протест на сточарите од Свети Николе
Сточарите од овчеполието загрижени за опстанокот. Велат, овчарството е уништено, за две години бројот на овците се намалил за седум илјади, а со најавената мерка за депопулација на свињите во одгледувалиштата од висок ризик, ќе се уништи и свињарството. Од надлежните бараат мерки за спас на сточарството...

Итно запирање на мерката за депопулација на свињите и интервентни мерки за зголемување на бројот на овците во овчеполието, бараат сточарите од Светиниколско. Африканска чума, велат, во регионот нема, но добиле решенија за уништување на свињите како превентивна мерка против ширење на болеста. Предвидувањата се дека ќе бидат уништени од седум до десет илјади свињи кај малите одгледувачи.
Сточарите бараат средба со надлежните за да им укажат на погрешните политики кои резултираат со сериозно намалување на бројот на овците
Во минатото бројот на овците во Овче Поле достигнувал и до 22 илјади грла, велат сточарите.
Светиниколските земјоделци бараат продолжување на договорите за закуп на земјиштето на 30 години, а не на пет како што се планира. Доколку не бидат исполнети овие барања, за 10 дена најавија блокада на автопатот Штип – Скопје и Велес – Штип.
Славица Величковска
