Камала Харис во посета на Азија
Потпретседателката на САД во посета на Азија. Фокусот на Вашингтон останува врз Кина и тајванското прашање. Харис очекува поддршка од сојузниците во регионот. По Јапонија, заминува на Корејскиот полуостров...

Американската потпретседателка Камала Харис на азиска турнеја. Целта е да добие поддршка од регионалните сојузници во период на воен напредок на Северна Кореја и Кина. По погребот на поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе, Харис ги посети американските морнари на воениот брод „Хауард“ во морнаричката база Јокосука јужно од Токио. Ја нагласи важноста на САД во одржувањето на меѓународниот поредок и слободата на морињата. Русија, Северна Кореја и Кина и натаму меѓу главните предизвици во безбедносната сфера. Харис вети поддршка за Тајван.
„Русија се обидува да ја анектира територија од друга суверена држава преку брутална воена агресија. Северна Кореја лансираше балистичка ракета во рамките на нелегалната програма за оружје која е закана за регионалната стабилност и прекршува повеќе резолуции на ОН. Кина ги поткопува клучните елементи на поредокот заснован врз меѓународни правила. Кина ја загрозува слободата на морињата. Кина демонстрира воена и економска моќ за да ги заплаши соседите“, изјави Камала Харис, потпретседател на САД.
Од Јапонија, Харис заминува на Корејскиот полуостров каде што ќе има средби со државниот врв во Сеул, а ќе ја посети и границата меѓу двете Кореји којашто ја обезбедуваат тешко вооружени војници.
Маја С. Филдишев
