На 15-ти октомври ќе има парно во Скопје, уверува Владата
Македонија преговара со Србија за набавка на гас за работа на ТЕ-ТО за топлинска енергија и производство на струја од која дел ќе се продава на северниот сосед. Остатокот ќе биде понуден на стопанството. Во Собранието заврши комисиската расправа за продолжување на кризната состојба. Според ВМРО-ДПМНЕ, владата не е подготвена за претстојната грејна сезона. За власта ова е механизам да се обезбедат струја и парно…

На 15-ти октомври скопјани ќе имаат парно во домовите, а доколку студените денови дојдат порано-државата ќе биде во можност да ги активира електричните и топлинските капацитети-тврди – советникот за енергетика во кабинетот на премиерот, Виктор Андонов.
„Државата ќе купи гас од Србија, а потоа ќе се произведе електрична енергија и ќе се продаде на Србија. Ние ќе ја платиме количината на гас, а тие количината на струја. Количината струја што ќе остане ќе биде продадена на индустријата по цени кои ќе бидат прифатливи за нив и кои ќе бидат излезни во зависност од цената на гасот. Топлината ќе се продаде на граѓаните“, вели Андонов.
Гасот кој ќе се увезува од Србија ќе стигнува преку постојната врска од Бугарија-појасни Андонов. Ако не се договориме, дополни тој, топланите ќе работат на мазут, а количините ќе се обезбедат, од Грција иако ниту со тамошните компании сè уште не е постигнат договор.
Владиниот советник не прецизираше за кои количини на гас се преговара. Цената на гасот ќе се утврди според барањата на компаниите за цената на струјата од 200 евра за мегават час. Негираше дека земјава се обидува да го заобиколи „Гаспром“ при набавката на гас бидејќи неговата цена моментално е висока. На последната владина седница донесен е заклучок за одобрување на средства на АД ЕСМ пред почетокот на грејната сезона.
Во Собранието опозицијата со став дека нема да го бојкотираат законското решение за изгласување на енергетска криза, но од Владата бараат анализа со прецизни информации колку истата ќе ги чини граѓаните.
Одлуката за енергетска криза во Собранието треба да биде усвоена до крајот на неделава.
Марина Стојанова-Тонева
