Алиу: Стручното образование има за цел создавање млади луѓе подготвени да се вклучат на пазарот на труд
Реформите на стручното образование, додаде заменик министерот, ги почнавме со цел да ги зајакнеме врските меѓу образованието и работата и да дадеме брз одговор на променетите потреби на пазарот на труд.

Со темелна реформа на образованието, посебно со промените кои ги правиме во средното стручно образование имаме за цел да оформиме млади луѓе подготвени да ги пресретнат барањата на пазарот на труд. Ова го изјави заменик министерот за образование и наука Љуљзим Алиу, на панел дискусијата посветена на значењето на образованието и стручното усовршување и нивната поврзаност со пазарот на трудот, која се одржа во Приштина, Косово.
Новото време во кое живееме, има потреба од стручни и вешти кадри, кои се подготвени да се вклучат на пазарот на трудот. Компаниите имаат потреба од млади и едуцирани лица, кои се желни за развој и продлабочување на наученото. МОН низ процесот на обезбедување сеопфатно, инклузивно и интегрирано образование насочено кон учениците, ги реализира трите главни приоритети во делот на политиките за младите, а тоа се, намалување на младинската невработеност преку зголемување на вработливоста, вклучување на младите во процесите на одлучување, како и развој на нивните капацитети и давање шанса за креирање на општество по нивна мерка, рече Алиу.
Реформите на стручното образование, додаде заменик министерот, ги почнавме со цел да ги зајакнеме врските меѓу образованието и работата и да дадеме брз одговор на променетите потреби на пазарот на труд.
Тој, потенцираше дека преку социјалниот дијалог „Учи паметно, работи стручно“, кој две години се спроведува во Северна Македонија, се идентификувани локалните потреби за одредени стручни профили, кои веќе се дел од уписната политика за средните стручни училишта.
