Маричиќ-Лосон: Фокус на реформите и јакнење на билатералните односи на двете земји
Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Маричиќ, го информираше британскиот амбасадорот, Лосон, за одвивањето на скрининг процесот и ги истакна напорите што Северна Македонија ќе продолжи да ги вложува во сеопфатниот процес на реформи во општеството, што е исто така важно за забрзување на евроинтеграциите и динамиката на отворање и затворање на кластерите и поглавјата, соопштуваат од Секретаријат за европски прашања...
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања денеска оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во нашата држава, Н.Е. Метју Лосон, на која разговараа за процесот на пристапување на нашата земја во ЕУ и за унапредувањето на соработката меѓу двете земји.
Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Маричиќ, го информираше британскиот амбасадорот, Лосон, за одвивањето на скрининг процесот и ги истакна напорите што Северна Македонија ќе продолжи да ги вложува во сеопфатниот процес на реформи во општеството, што е исто така важно за забрзување на евроинтеграциите и динамиката на отворање и затворање на кластерите и поглавјата, соопштуваат од Секретаријат за европски прашања.
Поддршката од Обединетото Кралство за развојна соработка со нашата земја се зголемија во 2018 година, како позитивна реакција на забрзаните реформски процеси кои ги правиме. Имаме успешна соработка на 3 твининг проекти предводени од партнерите на Велика Британија во областа на полициските реформи и кривичното правосудство, контрола на државната помош и унапредување на еднаквоста, рече Маричиќ на состанокот.
Амбасадорот Лосон го поздрави почетокот на преговорите и активниот пристап на Владата на Северна Македонија во првата фаза на пристапниот процес. Од страна на Лосон беше потенцирано дека можеме да сметаме на политичка, економска и развојна поддршка од страна на Обединетото Кралство, во унапредување на реформите, како наш клучен партнер.
На средбата беше разговарано и за актуелните случувања и предизвици со војната во Украина, одржливото снабдување со енергија и храна, при што беше изразен и заемен интерес за зајакнување на билатералните економски и политички односи меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство.
Вицепремиерот Маричиќ го информираше и за регионалните иницијативи во кои учествува нашата земја, истакнувајќи дека Владата е целосно фокусирана на политиката на соработка како една од основите за севкупниот напредок на регионот.
Целта е од регионалната соработка да имаме поголем придонес во процесот на пристапување во ЕУ и преку Берлинскиот процес и преку иницијативата „Отворен Балкан“. На овие иницијативи гледаме како алатка за понатамошно забрзување на интеграцијата во регионот и граѓаните да имаат корист и економски придобивки, а не како замена на членството во Унијата, потенцираше Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ на новиот амбасадор му посака успех во работата и продолжување на добрата соработка како и досега.
