Влада

Парно во Скопје од 15-ти октомври, субвенции за домаќинствата за струја, на регулиран пазар ќе бидат и училиштата

28.09.2022 22:10

Економско-енергетскиот совет одлучи да почне постапката за издавање лиценца за производство на топлинска енергија од регулиран пазар согласно член 6 од Законот за енергетика на ЕСМ. Ковачевски потенцира дека парно за скопјани ќе има, како и дека грејната сезона ќе почне на 15-ти октомври. Нагласи дека ова не е време за политички поени, туку е време за разум, солидарност и социјална грижа...

Економско-енергетскиот совет одлучи да почне постапката за издавање лиценца за производство на топлинска енергија од регулиран пазар согласно член 6 од Законот за енергетика на ЕСМ, соопшти вечерва премиерот Димитар Ковачевски.

На вонредна прес-конференција во Владата, Ковачевски потенцира дека парно за скопјани ќе има, како и дека грејната сезона ќе почне на 15-ти октомври.

Економско-енергетскиот совет на Владата штотуку заврши со својот состанок и донесовме одлуки кои сакам да ги споделам со јавноста, а се однесуваат на сигурно, стабилно снабдување со енергенси во наредниот период. Го повикувам Град Скопје, РКЕ и Комисијата за заштита на конкурентност во најбрзо време да дадат позитивно мислење за одлуката со што ќе се створат услови за целосно функционирање на ЕСМ со топланите. Обезбедени се финансиски средства за потребните енергенси за топлинска енергија, истакна Ковачевски.

Според него, во однос на електрична енергија, и малите потрошувачи ќе добијат сигурна, стабилна и континуирана испорака на електрична енергија.

Осумдесет проценти ја субвенционираме сметката за електрична енергија за 650 илјади домаќинства, а над 70 илјади компании и други правни субјекти т.н. мали потрошувачи со промет годишен до два милиона евра ќе добијат субвенционирана електрична енергија која е трипати пониска од берзанската. Дополнително донесовме одлука на регулиран пазар да бидат и основните и средните училишта на територијата на цела држава без разлика што обврската за обезбедување на образовниот процес е на самите општини, нагласи премиерот.

Ковачевски апелираше до сите пратеници да ги изгласаат законот за финансиски средства од ЕБРД за справување со енергетската криза, да ги поддржат измените на Законот за енергетика и на Законот за нафта и нафтени деривати, како и да го усвојат Барањето за продолживање на кризната состојба.

Нагласи дека ова не е време за политички поени, туку е време за разум, солидарност и социјална грижа. Ковачевски подвлече дека Владата се грижи за сите подеднакво и уште еднаш ги повика граѓаните да штедат струја.