Партнерство

Филип Морис ќе донесе зголемен квалитет

22.04.2014 14:44

Раст од 45 % на склучените договори, зголемен откуп, инкасирани 155 милиони долари од извоз. Тутунската индустрија зад себе остави одлична година - оценка на Стопанската комора на Македонија...

Над 40.000 склучени договори, зголемени производство и извоз, навремена исплата. Сезоната за откуп заврши. Стопанската комора ги сумираше резултатите. Просечната цена била пониска, но затоа субвенциите достигнале 31 милион евра.

„Владата на Р. Македонија, веднаш по завршувањето на редовниот откуп законски предвиден до 15.03, ја исплати премијата од 60 денари по килограм откупен и предаден тутун“, изјави Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија.

Ристовски очекува стратешкото партнерство на Филип Морис со Тутунскиот комбинат од Прилеп да има влијание на целокупната тутунска индустрија.

„Сметаме дека ќе се подигне квалитетот на едно повисоко ниво, и декатоа ќе отвори многу повеќе можности за Тутунскиот комбинат – Прилеп, заедно со Филип Морис, ќе оди напред“, додава Ристовски.

Филип Морис ќе инвестира во нови технологии и ќе донесе сигурност за производителите – очекуваат властите.

„Добиваме сигурен купувач на ориентален тутун за потребите на Филип Морис“, изјави за МРТ Кристијан Делев, заменик – министер за економија.

Тутунската индустрија учествува со околу 5 проценти во вкупниот извоз, но и цели 30 проценти од приходите во Буџетот доаѓаат од неа.

 

Мартин Пушевски