Видеохроники од патувачкото кино во Преспа
Целта на заминувањето на Патувачкото кино во областа на Преспа беше да се опипа пулсот на населението, особено во однос на културните случувања, во овој, речиси, во секоја смисла девастиран дел од Македонија. Проекцијата во Ресен се одржа во дворот на прекрасниот објект на Сарајот, каде е сместен Домот на култура „Драги Тозија“...

Екипата на „МакеДокс“ сними и објави две видеохроники од втората етапа на Патувачкото кино, која се одвиваше во регионот на Преспа. Патувачкото кино е нераздвоен дел од фестивалот „МакеДокс“ и на проекциите се прикажуваат филмови од фестивалската селекција, но и филмови кои се од интерес на локалната заедница каде што гостува екипата на „МакеДокс“, а со цел децентрализација на културата.
Годинава, во своето 13-то издание, Патувачкото кино беше поделено во две етапи. Првата се одржа од 18 до 23 јули во струмичките села, додека втората етапа се реализираше во регионот на Преспа со четири проекции на документарни филмови од 13 до 17 септември 2022 година, и тоа во Ресен, с. Дрмени, с. Лавци и с. Подмочани.
Целта на заминувањето на Патувачкото кино во областа на Преспа беше да се опипа пулсот на населението, особено во однос на културните случувања, во овој, речиси, во секоја смисла девастиран дел од Македонија. Проекцијата во Ресен се одржа во дворот на прекрасниот објект на Сарајот, каде е сместен Домот на култура „Драги Тозија“. Директорот на Домот, Васко Василевски, пресмета дека киносалата работела пред околу 25-26 години. Додаде и дека во помалите места е тешко да се работи во областа на културата, бидејќи и кога имаат програма во Домот доаѓа многу малку публика. Во Ресен екипата на „МакеДокс“ се сретна и со професорката во пензија, Наде Проева, која покрај гостопримството објасни зошто доаѓа во родната куќа само летно време, а пензионерските денови ги поминува во Скопје.
- Во Скопје се сите претстави, и предавања, и промоции на книги, и концерти, а во Ресен не се случува ништо дури ни во летниот период – истакна Проева.
Селото Дрмени беше втората станица на патувањето низ Преспа. Таму архитектот во пензија Тодор Мушаревски објасни како селото се симнувало надолу од планината како што езерото го повлекувало брегот. Така, селото има и стара и нова локација. Тој се потсети и дека некогаш во селото имале Дом на култура каде имало игранки. Во рамките на Домот работела игроорна група која настапувала и на Телевизија Скопје. Во Дрмени се потсетија дека кога имало кино во селото Царев Двор, кинооператорот бил од нивното село Дрмени.
