Струшката гимназија ги исклучува смарт таблите и компјутерите, ќе штеди струја
Наставен процес без смарт табли и компјутери. Во насока на заштеда на електрична енергија струшката гимназија донесе одлука дигиталната технологија оваа учебна година да биде надвор од функција. Отстранети се и сите помошни грејни тела, нема вклучување греалки во училници и канцеларии...

Дигиталната технологија, компјутерите и паметните табли оваа учебна година нема да бидат во употреба. Ова е дел од планот за штедење на електрична енергија во струшката гимназија. Тие ќе се вклучуваат ретко, само кога ќе донесат одлука наставниците, дека се неопходни во образовниот процес.
Но, дали штедењето во ера на дигитализација ќе го уназади образованието, кога оваа иновативна опрема се смета за клучна во развојот и напредокот на современата настава?
„Јас не го посакував, но бев принудена, да не ја употребуваме повеќе технолгијата, поради тоа што во сите наши училници имаме прожектори, смарт табли, компјутери, но само наставникот кога ќе биде задолжително во наставната програма“, вели Бесиме Јонузи директор на струшката гимназија „Д-р Ибраим Темо“.
Директорката на струшката гимназија најави отстранување на помошните грејни тела од сите простории во училиштето, со цел заштеда на електрична енергија. Вели нафта има доволно за загреани училници.
„Што се однесува на грејната сезона ние сме подготвени. Нафта имаме полни цистерни во исто време сме подготвени да има греење во училниците и наставниот процес ќе се одвива нормално“, вели Јонузи.
Напредните технолошки алатки, изминативе години беа набавувани за да го олеснат процесот на совладување на предвидениот наставен материјал на учениците, но поради енергетската криза тие оваа учебна година ќе останат надвор од функција.
Соња Рилковска
