Руско - украински конфликт

Гасоводот „Северен тек“ е саботиран, тврдат ЕУ и НАТО

29.09.2022 12:00

На почетокот на неделава беше откриена четврта дупка во системот под економските зони на Данска и Шведска. Русија и Западот со меѓусебни обвинувања за инцидентот во енергетската инфраструктура...

По четвртата дупка во гасоводот „Северен тек“, Европската унија се закани со одговор на секој обид за попречување на енергетската инфраструктура. Сеизмолозите неделава регистрираа експлозии во Балтичко Море, кои според Брисел и НАТО, се саботажа врз системот под ексклузивните економски зони на Шведска и Данска.

Ова било планирано. Се случиле големи експлозии, погледнете ги сликите од Одбана, сериозно е. Важно е да се напомене дека не е во дански води, туку во меѓународни. Ова не е Данска инфраструктура“, изјави данскиот министер за одбрана, Мортен Бадсков.

Москва негираше каква била вмешаност. Инцидентот е тема и во Советот за безбедност на ОН. Во меѓувреме, Советот на ЕУ усвои нов пакет санкции, осми по ред против Русија.

„Очекувано е, а и глупаво да се даваат такви изјави. Секој треба да размисли пред да каже такво нешто, да почека да се истражат околностите. Да се утврди дали била експлозија или не. Очекуваме информации од Данците и Швеѓаните, тие имаат набљудувачка опрема таму“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

И натаму метеж на руско-грузиската граница поради делумната мобилизација во Русија.

„Возиме три дена, поминавме низ пет контролни пункта. Слушнавме дека некого вратиле. Мислам дека имавме среќа“.

„Пишуваат и менуваат закони многу брзо, па сакам да имам време да заминам додека постојат вакви услови“.

Киев дециден – Украина ќе ја врати територијата која Русија планира да ја анектира по референдумите.

Наша главна задача е да ги координираме акциите со партнерите и да одговориме на лажните референдуми организирани од Русија и сите поврзани закани. Ова не е 2014-та година. На секого му е јасно сè“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Украинците масовно го напуштаат Запорожје, една од областите каде што се спроведе референдумот. Многумина тврдат дека гласале под притисок. На мажите не им е дозволено да заминат.

„Војниците нè прашуваа дали сме гласале. Кога им кажувавме дека сме гласале, тие ни велеа да гласаме пак“.

Сè поголем проблем станува и војната против дезинформациите, особено на социјалните медиуми.

Маја С. Филдишев